3/24/2009

Стравот и желбите на македонизмот во карантин (1)

Блазе си им на таквите кои без нужната проверка го усвојуваат сето тоа што им годи како вистина!
Непријатната вистина боли. Но, уште понездраво е да се живее со опсесивно бекство од вистината за себе, дезориентиран во магловитиот штит на себезалажувањето.


Зборот доверба не постои во научната методологија

Оттука, неприфатлив е отворениот повик на Бранко Црвенковски искажан во 1998 г. на предизборниот митинг на СДСМ во Гази Баба:

„СДСМ секогаш покажувала на дело како се сака својата татковина и никогаш, како некои други, не го постави прашањето дали Илинденците се чувствувале Македонци или не...“
(в-к. „Нова Македонија“, Скопје 06.10.1998)



Е, уште да е така! Љубовта е слепа, ама не е безусловна. Затоа, понекогаш, говориме за невозратена љубов, за неоправдана доверба, за измама, за заблуда и, за критичко мислење. А, без објективно мислење нема вистинска љубов. Одговорот на прашањето дали некому крвта му е извадена со памук, или со брадва, не го амнестира злосторикот. Насилството во љубовта е перверзија, а забраната, или подведувањето да не се говори отворено и искрено за сомневањата, е насилство.

Лидерот на СДСМ во случајот покажува како не треба да се сака татаковината. Не, не тврдам дека Б.Црвенковски не си ја сака татковината, но неговото сакање во случјов повеќе е подведување на националистичко самозадоволување, отколку негување на вистинска, искрена љубов.


null
Бранко Црвенковски на митингот на СДСМ во Гази Баба 1998 г.

За разлика од политиката во уметноста и во науката нема табу теми. Академскиот сликар Родољуб Анастасов (р. 1935 г. во Скопје, дипломирал во Белград) со својата пројава на слободно мислење наречена „Македонски иконостас - 12-те апостоли на ВМРО“ го прекршил табуто на себезалажувачкиот македонизам, отфрлајки го догматскиот начин на мислење со кој југокомунистичките главатари го диригираа поведението на своите поданици во воображената реалност на Титовиот тоталитарен кафез. Или, кажано со други зборови, Родољуб Анастасов со тоа што се насладувал во широката автономија на својата личност, според оние кои сеуште се заглавениво веќе пожолтениот црнобел коминтерновски филм, сторил голем грев. Направил вербален деликт, си дозволил за „анатемисаните“ во покојанта СФРЈ (1945-1990), пред јавноста во повеќепартискта РМ да зборува со ликовниот израз без омраза, исто како за возљубените, со што го алармирал духовениот имунолошки систем на себезалажувачкиот македонизам.[1]

Стражарот на менталната бариера Стево Шароски во сп. „Старт“ (дек. 2001 г.) превзема акција како антитело на бугарски антигени против оние што ги зел на нишан тргајки од погрешна теза - навредениот чесен Македонец не го интересирале ниту времето, ниту уметничкиот аспект, туку историјата! Шароски од една страна тврди дека изложбата требало да се нарече: „Седуммината апостоли на ВМРО, нивните кодоши и двајцата јуди“ - заклучук кој би бил својствен за еден „ванчомихајловист“, а од друга страна се зафаќа да ја брани „историската вистина“ на македонистичкиот фундаментализам според кој имало болна и „здрава македонска револуционерна организација“. Значи, според С.Шароски постановката на Р.Анастасов е бајато невкусна, еретична и ѓаволски грешна, затоа што академскиот сликар не водел сметка за духовниот карантин на „здравиот“ македонизам, па на едно место, ги ставил портретите на „ангелите“ и „ѓаволите“, - портретите на „здравите“ Македонци и „нивните кодоши“ не можеле да се сликаат со ист уметнички предизвик и излагаат со иста авторска гордост заедно со портретите на „двајцата јуди“, „одродените - антимакедонци“. Според фалш дијагностика на Шароски „здравите“ биле свесни и совесни Македонци, а болните биле тие кои што „убивале луѓе од својот род, само поради тоа што одбивале да бидат во заблуда во каква биле тие - одродите“, поради што нели, заслужуваат само омраза и презир. За волја на војната против заблудата, за чиј воин себе си се претставува Шаровски, да се обидеме да осознаеме какви претстави за својот и за македонскиот национален идентитет имале дејците на „здравата македонска револуционерна организација“.


Основачите на БМОРК/ТМОРО

д-р Христо Татрачев (1869 Ресен - 1952 Торино) Даме Груев (1871 Смилево - 1906 Русиново) Иван Хаџи Николов (1861 Кукуш - 1934 Софија)
Христо Татарчев [2] Дамјан Груев [3] Иван Хаџи Николов [4]
Петар Поп Арсов (1868 Богомила - 1941 Софија) Христо Батанџиев (? Геменџе - 1913 фрелн во море од Грци) Антон Димитров (1867 Ајватово - 1933 Софија)
Петар Поп Арсов [5] Христо Батанџиев [6] Антон Димитров [7]



Уставното име на „здравата Организација“


д-р Христо Татарчев на млади години. д-р Христо Татарчев

Во споменитe запишани од Љубомир Милетич[8] во 1917 г., Христо Татарчев кажува:


Во почетокот на на 1894 г. во време на празниците, пак споменатите шестмина се собравме пред Водици во живеалиштето на Антон Димитров... за да го поставиме темелот на една организација. Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме на автономијата на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоедунување со Бугарија“, затоа што увидовме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротиставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи. Одринско, колку што се сеќавам, отпрвин не влегуваше во нашата програма, и мислам дека после беше дојдено до замислата и таа област да се вклучи кон автономна Македонија. Откако се согласивме за целта на нашата организација - на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи и нацрт за нашиот статут. На истата седница долго се разгледуваше прашањето каково име да носи Револуционерната организација и Комитетот. Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се нареачат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот - „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К.“. На други средби стутот беше дефинитивно примен, сè така од истиот тој состав на шестмината. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет... Истата таа 1894 г., на 15 август, стана осветување на новоизградената бугарска црква во Ресен од владиката Григориј, и таму се одржа првиот револуционерен конгрес, на кој беа дојдени 12 до 15 мина делегати од месните комитети. Таму бевеме јас, Груев, Пере Тошев, Лозанчев, Ѓорѓи Пешков, Александар Чакаров и др. Три дена едноподруго продолжија седниците во нашаат куќа. Делегатите известија за состојбата на Организацијата. ...По конгресот Централниот комитет почуствува потреба да биде изработен и еден внатрешен правилник, според кој ќе се раководат месните револуцинорни комитети. Задачата да го состави тој правилник му беше поставена на Хаџи Николов, и овој правилник беше усвоен од Централниот комитет, сè така во истиот состав од шестмината, во дефинитивната форма, до крајот на истата година.
“ (Спомени И.Х.Николов, Д.Груев, Б.Сарафов, Ј.Сандански, М.Герџиков, д-р. Х.Тататрчев, Скопје 1995. 331-333)



Спомени И.Х.Николов, Д.Груев, Б.Сарафов, Ј.Сандански, М.Ѓерџиков, д-р Х.Татарчев, Скопје 1995.


Анастас Лозанчев (1870 Битола -1945 Софија) Анастас Лозанчев [9]

Анастас Лозанчев во своите спомени пишува:


На 15 август 1894 г. се осветуваше цркавата во Ресен. ...Во Ресен бевме собрани јас, д-р Хр. Татречев, Д.Груев, Тр. Доревски, Алекс. Панов, Григор Попев и др. Пере Тошев не беше тогаш не беше со нас. ...Кога зборува за осветувањето на црквата, д-р Татарчев вели дека имало „конгрес на Организацијата“. Ништо слично. Може да се каже дека имаше собир, ама не когрес.
“ (Анастас Лозанчев, Илинденското востание. Скопје 2003. 17-18)

Во забечешките на спомените на своите соборци Анастас Лозанчев пишува:

„Докорот вели: на 15 август 1894 г. ... во Ресен, се случи првиот револуционерен конгрес. ... Јас велам: имаше собир, не конгрес. На средбата се зборуваше за почнување на револуционерна пропаганда. Пере Тошев не беше во Ресен. Немаше посветување, немаше ни покрстување. Со Дамета разменивме само по неколку мисли, дека треба да се работи како што се работело во Бугарија на други места. Се договоривме од Бугарија да набавиме поголемо количество револуционерна литература. ...Се поигруваа со мене како фотограф, со зборовите на оној Чех фотограф, вкулечен во работа на комитетот во Бугарија: „а-бисте фотографовали мене“. Го прашав Дамета: Со кого ќе работам во Битола. Ги дигаше рамениците.“
(Ibid. 119)


Првиот дел од автобиографските спомени на Х.Татарчев, Софија 1995.

Во автобиографските спомени на Христо Татарчев пишувани во 1934-1936 г. во Италија, во врска со тоа што се сега не инетересира стои следното:


„Реално на третата средба, која стана през коледарските празници на 1893 г. во живеалиштето на Антон Димитров... се пристапи без многу размена на мисли кон конституирањето на конспирацијата...[стр.24] ... Притоа нејделикатна и најтешка работа беше да се определи целта, по која се водеа продолжителни дискусии, при сето тоа ја имавме морална и политичка база во чл. 23 од Берлинскиот конгрес. Меѓутоа мачнотијата се состоеше во синтезата на идеализмот и реалноста. Нашето внатрешно чувство и мисла се движеа повеќе околу општобугарскиот идеал - присоединувањето на Македонија кон Бугарија, но требаше да туриме воденичарски камен на таа во толку многу години култивирана мечта во македонскиот народ и слободниот бугарски народ и да вршиме реална политика. Затоа го зедовме чл. 23 како девиза на нашата дејност и бидејки чл. 23 ни се гледаше како апстрактен поим, кој тешко би се разбрал од нашиот народ, решивме да го замениме со една попластична фигуративна формула - автономија на Македонија во нејзините географски и етнографски граници, како што тоа се запиша во уставот на организацијата. Такво едно решавање на македонското прашање, мислевме, ќе ги задоволи еднакво правично етничките единици на земјата, како и аспирациите на нејзините соседни држави и големите сили, и го менаџиравме едновремено и суверинитетот на Турција. Минималната слобода, која се постигнуваше на тој начин, го гарантираше достаточно материјалниот и културниот развиток на сите нации во Македонија. Ние не можевме да дејствуваме подруго и предварително да ја одредуваме судбината на македонскиот народ и му оставаме нему понатаму да си ја искова својата судбина: тој би се присоединил кон Бугарија, или би станал алка на една Балканска конфедерација. Тоа, кое би му било диктирано покасно од неговите интереси, тој е слободен да прави што сака. После утврдувањето на целта на организацијата се зафативме за изработка на нејзиниот устав. Последното стана врз основа на тој од Буграскиот револуционерен комитет во „Записките“ на Захари Стојанов, кој го имавме на рака, така што секој член се поддаде на автономна размена на мисли - критика. Му се наложина П. Попарсов да го изработи проектот и на едно од следните заседанија се прифати проектот, со мали измени, за устав на организацијата и се даде името „Македонска революциона организация“, а на Солунскиот комитет, образуван од наш шестмината - „Централен македонски революционен комитет“ (ЦМРК).[стр.25]...



Пирфатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да го избегнуваме сето тоа, кое, во инородното населние би возбудило сомнение на тесноград национализам. Поради таа причина го напуштивме зборот българска од револуционерната организација; истотка и таа од централниот комитет. Одринско од почетокот не влегуваше во нашата програма. Целото наше внимание тогаш беше насочено околу Македонија; но покасно почна да се зацврстува идејата во нас, така што нашата организација да го опфати и Одринско, каде судбината на христијанското население, особено на буграското, не се разликуваше со ништо од тоа на македонскиот народ и каде политичко-социјалните и економски услови беа речиси идентични со оние во Македонија. Притоа чл. 23 од Берлинскиот конгрес не охрабри доста во тој однос и зафативме попосле да го обмислуваме поопстојно и тоа прашање - дали ќе биде полезно, ако и Одринско биде вовлечено во нашата програма. Најсетне дојдовме до заклучок дека и таа област треба да составува дел од нашата ревулуционерна дејност, така што, на тој начин си мислевме дека се даваше едно задоволително решение на балканското прашање. Решението за тоа се зеде едвам при крајот на 1895 г. и почна да се применува во дејство во 1896 г. Три суштетсвени формулирани изводи залегнаа во уставот на револуционерната организација: цел, состав и средства. Како цел, како што е кажано погоре, се прифати автономијата на Македонија, а како сотав на организацијата се дозволи секој Бугарин, од кој и да е крај, може да биде член на организацијата, откако се покрсти по установената формула - заклетва пред евангелие и кама, како симбол на одговорност пред Бога и татковината, и тоа по убедување, но не и по изнасилување на личната волја. Тоа решение - да се примат за членови на организацијата само Бугари - ни се диктираше од од сушноста и карактерот на заговорот, поради кое на прво место требаше да се врбуват членови од оние средини кои беа најугнетени, интелектуално и морално издигнати, цврсти и издржливи по карактер. Во тој однос бугарскиот народ беше посоодветен и надежен елемент и притоа преставуваше мнозинство во земјата; така што револуционерната организација може да се потпре врз него без големи ризици. Сетне, самите основатели на конспирацијата произлегуваа од средината на бугарскиот народ, така што нивниот афинитет беше многу природен. ...Националниот карактер на заговорот во почетокот, значи беше една неопходност да се заштити (организацијата), диктиран од специјалните услови во земјата, во кои, тој ја започна својата дејност, но таа, никако не се раководила од другата тенденција, освен од идејата за слбодата и благосостојбата на целиот македонски народ. Меѓутоа, покасно кога организацијата се почуствува доста силна, за да ја афронтира секоја угроза и опасност, откаде и да било, се допуштија во неа сите македонски христијани, доста тие да се воодошевуваат од истата идеја и да бидат искрено предани на ослободителното дело. Меѓу нив први беа Власите...
[стр.26-27]


Како средсво за реализирање на револуционерната идеја се предвиди во уставот народно масовно востание; ...да се наложи во меѓународната политика и да предизвика едно ефикасно замешување од страна на големите сили за решавање на македоно-одринското прашање, за кое се беа ангажирале на Берлинскиот конгрес.
[стр.27-28]


Ресен, 15.08.1894 г. осветување на црквата „Св.Кирил и Методиј“.
Ресен, 15.08.1894 г. осветување на црквата „Св.Кирил и Методиј“.

...на 15 август 1894 г. стана в Ресен средба меѓу 15 души од првите раководители: Д.Груев, П.Тошев. И.Хаџиниколов, А.Лозанчев, Г.Пешков, Ал. Чак’ров, д-р Хр.Татарчев и др., за размена на мисли по постоечката веќе револуционерна организација, како и по сите оние прашања кои ја засегаа. Заседанијата стануваа во татковската куќа на последниот и траеше три дена. Тоа беше првиот ревулуционерен конгрес, на кој се определи поведението кое конспирацијата требаше да го држи кон Егзархијата и општинските училишта. Се зеде решение за да се земат општините и училиштата во наши раце.[стр.35] Ревулуционерното дело, значи, беше се распространило во 1896-1897 г. низ целата земја и во големите центри имаше крупни раководители; така на пример П.Тошев беше во Битола, Хр.Матов - во Скопје, П.Попарсов - во Штип, Хр.Попкоцов - во Одрин, Т.Деливанов - (во Кукуш), Александар Чак’ров - во Охрид, Велко Думев - (во Велес), Кирил Прличев во Воден, Павел Генадаиев - во Мустаф паша и др. Веќе се почувствува потребата да се систематизира работата во организацијата и да се оформи присоединувањето на Одринско кон ВМРО. За таа цел во текот на училишната ваканција на 1896 г. беше свикан конгрес од повидните раководители на организацијата. На него учествуваа: Гоце Делчев, Пере Тошев, Христо Матов, Петар Попарсов, Кирил Прличев и ЦК: Д.Груев, Ѓорче Петров, Иван Хаџиниколов, Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. ...Се создадоа следните организациски окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Штипски, Струмички, Џумајски (во кој влегуваше и Сер) и Одрински, заедно со Цариград.[стр. 41] На конгресот се истакна исто така потребата, револуционерната идеја да се распростре и над другите незадоволни туѓи народи, без разлика на вера и народност, поаѓајки од становиштето дека делото тогаш ќе има чисто македонски карактер и ќе дејствува на тој начин за премавнување на пропагандите и националните раздори, како и за создавањето на мир, спогодба и взаемна соработка - за напредокот на и благото на општата татковина. Одринско, над кое ЦК беше се замислил уште на крајот на 1895 г., за да влезе и тоа во програмата на ВМРО, беше истотака објект на долги размени на мисли - дали би било рационално и полезно за ослободителната општа кауза на бугарското племе, и се прифати најпосле едногласно дека тоа не треба да се третира одделно од Македонија и треба да составува единствена кауза со Македонија, така што ќе се положат сите сили за да се изедначи во подготовката со таа во Македонија. Врз основа на гореспоменатите размени на мисли се реши да стане и промена на уставот, така што се дозволи секој Македонец и Одринец, без разлика на народност и вера, да може да биде член на организацијата, но којшто не е компромитиран со ништо и може да биде полезен за делото.[стр. 42-43] Револуционерната идеја беше најпрво во подем од бугарската интелегенција во Македонија. На почетокот нејзината пропаганда се извршуваше исклучиво среде бугарското население. Такво ограничување се налагаше од нејзниот конспиративен карактер; но кога револуционерната идеја закрепна релативно добро во еден дел од бугарскиот народ, нејзиното раширување и врз другите небугарски народи и вероисповеди можеше да биде реализирано без страв за суштествувањето на револуционерното дело. На основачкиот конгрес при крајот на 1896 г. се зеде решение да им дозволи на незадоволните месни елементи без разлика на народност и вера да влезат во конспирацијата, доста тие да не бидат познати поради престапнички дејанија. ВМРО не ги делеше Бугарите протестанти во Разлошко, Струмичко и тиквешко и унијатите во Кукушко, Дојранско и Солунско од Бугарите егзархисти и ги вбројуваше од самиот почеток на заедничка основа во редовите на организацијата. Таа не им ги повредуваше ни најмалку религиозните им чувства... Влашката интелегенција беше првата од туѓите христијански народности, која стапи во револуционерното дело.“ [стр. 109] (Христо Тататрчев, Вътрешната македоно-одринска революционна организация като митологична и реална същност, София 1995)


Кој го напишал уставот на БМОРК? П.Попарсов или Ѓ.Петров?


Гоце Делчев (1872 Кукуш - 1903 Баница) Гоце Делчев [10]

Во врска со "првиот поподробен устав на Организацијата", кое нешто би требало да значи дека станува збор за уставот на БМОРК, а не за уставот на ТМОРО, во спомените на Ѓорче запишани од Милетич, под заглавието "Ѓорче Петров заедно со Делчев го изработува првиот поподробен устав на Организацијата", стои следното:


"Во време на распустот во 1896 г. направивме еден вид конгрес во Солун, 15-16 души. Од Солун бевме 6-8 души, од Битола Пере Тошев, од Воден Кирил Прличев. Од солунските бевме јас, Татарчев, Даме, Андон Димитров и Николов. Тогаш прв пат се видовме со Матов, Делчев, Поп Арсов, прв пат тогаш се запознавме меѓу себе. Работата зеде пошироки размери и сите ја бевме почуствувале потребата поцврсто да се организира работата. Тоа собрание, така да се рече, беше основачко. И од тогаш датира солунската организација, тогаш веќе ЦК се призна. Дотогаш уште не се знаеја членовите на ЦК, се дотогаш одеше на другарски начела и секој работеше во својата средина главно по свое сфаќање и само другарски се советуваше... Тогаш се направи прв пат обид за административно уредување на Организацијата... Таму се истакна потребата од устав и правилник. Дотогаш беше во сила еден краток правилник од неколку члена изработени од Дамета (клетвата и др.) Тоа правилниче беше несистематско, литографирано. Се реши да се изработи еден полн правилник, устав. Кога дојдов во Софија, тука во Софија го изработив (со Делчев), го напечатив и го испратив. Ги поканив Ризов и Љапчев да ми поможат... Потоа јас сам го изработив уставот."


Ѓорче Петров (1865 Прилеп - 1921 Софија, убиен) Ѓорче Петров [11]

Но, во спомените на Ѓорче ми се чини имаме една интервенција од нејзиниот запишувач, во врска со изработката на уставот на организацијата за кој Ѓорче кажува дека е од 1896 г., Милетич во загради додал: "(со Делчев)", бидејки Ѓорче, изјавил: "јас сам го изработив уставот". Белким Ѓорче нема да си ги препишува сите заслуги за изработка на уставот само на себе! А тоа би можело да значи дека Ѓорче го изработил сам уставот на БМОРК, па оттука може да следува претпоставката дека Гоце и Ѓорче го напишале уставот на ТМОРО во 1902 г.

За жал, од спомените на основачи и дејците на Организацијата не може точно да се утврдат датумите кога МРО станала БМОРК, и кога БМОРК е преименувана во ТМОРО.

Според македонскиот историчар Иван Катарџиев: „Денес веќе нема никави дилеми од формална гледна точка, т.е. спрема Уставот и Правилникот, како во почетокот била именувана, од основачите, Македонската револуционерна организација. Како што соопштуваат Дамјан Груев и д-р Христо Татарчев под влијание на бугарската револуционерна литература таа „била оформена според образот на статутот на Револуционерната организација во Бугарија пред нејзиното ослободување“. Иако ниту Груев ниту Татарчев ниту пак другите спомнуваат како формално била именувана, тоа денес веќе се знае. Постоечките документи говорат дека таа била наречена „Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети“. Оваа име Организацијата го добила на својот прв Конгрес одржан во летото (15 август 1894) во Ресен. Меѓутоа, согледувајќи ја целата несоодветност на ова име со македонските услови и битие, од една и појавата на Врховниот комитет 1985 г. во Софија, на конгресот 1896 г. во Солун било решено името на Организацијата да се промени. Таа била наречена „Тајна македоно-одринска револуционерна организација“. Формално своето општо народно и трајно присутно име во свеста на Македонецот, „Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација“ (ВМОРO) го добила на Рилскиот конгрес есента 1905 г. ...во првиот Устав и Правилник (од 1894) се вели дека член на БМОРК може да биде секој Бугарин без разлика на пол, кој не е компромитиран“. Тоа значи дека во својата почетна активност појдовните основи на Револуционерната организација биле доста ограничени и националистички насочени. Таа требала да се потпира само на оној дел од македонскиот народ што бил под јурисдикција на Бугарската егзархија, т.е. под влијание на бугарската верска и просветна пропаганда. Македонците кои биле под грчка и српска или некоја друга слична пропаганда немале право на членство во организацијата. Треба да се каже дека брзо по оснивањето на Организацијата и особено по влегувањето на Гоце Делчев во нејзините редови (есента 1894), била согледена сета неподобност, сета штетност за македонските услови и македонското политичко битие крајно ограничувачките националистички основи на Организацијата и во практика биле напуштени. Две години подоцна, по решение на Солунскиот конгрес од 1896 г. во новите документи тие и формално ќе бидат отстранети. Новите цели на Организацијата, тие што трајно останале во меморијата на нејзините активисти, решително се ослободиле од секаков национализам давајќи и општонароден, интернационален карактер, лик што одговарал на народносните прилики во тоа време во Македонија.“ (Иван Катарџиев, Кон спомените на И.Х.Николов... Скопје 1995. 8-9 и 11-12)

Одговорот на прашањето кога БМОРК станува ТМОРО, во 1896 или 1902 г., не може со сигурност да се утврди и од известувањето на српскиот генерален конзул во Битола Мих.Г.Ристиќ до српскиот министер за надворешни работи, С. Лозаниќ, напишано во Битола на 25.01.1903 г.


"До пре више од годину дана [тоа е до крајот на 1901г., или до почетокот на 1902 г.] рад комитета имао ја чисто бугарско обележје, они су носили бугарску заставу ослобођења, они су својих присталица налазили само у онима који су пригрлили бугарску народну идеју. Наших [т.е. србоманите] и гркомана су се туђили па чак и пробојавали те се од њих морали осигуравати разним претњама. У последње време [т.е. при крајот на 1902 г.] они су понели стег ослобођења хришћана уопште и на мах се стали обраћати за помоћ и сарадњу свима хришћанима ма које народносне боје оне били."
(БАН, Освободителната борба на българите в Македония и Одринско 1902/1904 - дипломатически документи, София 1978. 76)

Ф.Аданир ги разгледува сознанијата од истражувањата на Катарџиев и на бугарскиот историчар Пандев, за годината кога БМОРК станува ТМОРО, при што го дал следниот заклучок:


"Во рамките на ова истражување не е можно дефинитивно да се објасни горе изложеното комплексно прашање. Сепак треба да се укаже на тоа дека австроунгарскиот конзул во Скопје, Пара, на својот извештај бр.225 од 14.11.1902 г. му придодава документ во превод, кој го назначува како нов Статут на Револуционерната организација. Овој документ го носи насловот: "Статут на Тајната Македоно-Одринска Револуционерна Организација" и во секој поглед е идентичен со документот објавен 1902 г. според Пандев, како и со Статутот, кој според мислењето на Катарџиев бил составен уште во 1897 г. Врз основа на оваа фактичка состојба треба да се претпостави, дека вистинската дата на документот е онаа на Пандев, а не онаа на Катарџиев. Во изложеното истражување потпирајки се врз Пандев се тргнува од тоа дека Револуционерната организација до 1902 г. се вика: "Бугарски македоно-одрински револуционерен комитет" (БМОРК). Во 1902 г. следувало прекрстувањето во "Тајната македоноодринска револуционерна организација". Од 1905 г. конечно станува ВМОРО, а нешто подоцна ВМРО."
(Fikret Adanir, DIE MAKEDONISGHE FRAGE ihre entestehung und etwicklung bis 1908. Wiesbaden Германија 1979. 112)

Според чл. 1 и чл. 4 од Уставот на ТМОРО, член на Организацијата може да биде "секој Македонец и Одринец, без разлика на народност", што значи дека именката Македонец во случајов е употребена како географско и политичка одредница за означување на сите народности што живеат во Македонија, а не како етнографска одредница. Во Прилепскиот нацрт паравилник од 1904 г., во т.1 е формулирано дека: "член работник во ВТМОРО може да биде секој жител во Европска Турција, христијанин, без разлика на народност". (Спомени на Кирил Пърличев 36 години във ВМРО, София 1999. 94)

1.) Во ликовната постановка „Македонски иконостас - 12-те апостоли на ВМРО“, Р. Анастаов ги насликал портретите на: Г. Делчев, Д. Груев, Х. Татарчев, П. Попарсов, И.Хаџиниколов, П.Тошев, П.Шатев, Ј. Сандански, Д. Хаџидимов, В. Ковачев, Т. Александров и В. Михајлов.

2.) Христо Татарчев, р. 1869 г. во Ресен. Завршил медицина во Швајцарија и Берлин. Прв претседател на ЦК. Во јануари 1901 г. уапсен и осуден на пет години затвор. На 18.08.1902 г. амнестиран. Од крајот на јануари 1902 г. до 1905 г. член на ЗП. Во востанието директно не учествува. Во март 1908 г. на Ќустендилскиот конгрес избран за советник на ЗП. За време на Младотурската револуција собира оружје за ВМОРО и учествува во политичкиот живот на легалната органиации - Сојуз на буграските конституциони клубови и Народна федеративна партија. Во Балканските војни и Првата светска војна д-р. Татарчев е раководител на воена болница на фронтовите. Во 1919 г. со својата дејност и публицистика влегува во конфликт со Т.Александров и А.Протогеров, обвинувајки ги за злоупотреба на пари и присвојување на раководните иснтитуции на ВМРО. Во 1921 г. учествува во Основичкото собрание на Македонската федеративна емигрантска организација во Бугaрија. Во 1923 г. емигрира за Италија. После убиството на Протогеров застанува на позициите на В. Михајлов. За време на Втората светска војна се враќа во Бугарија, извесно време живее во Ресен, потоа во Софија и Нова Загора, а во 1949 г. од Бугарија заминува за Италија. Умира на 05.01.1952 г. во Торино.

3.) Дамјан Груев, р 1871 г. во Смилево (Битолско). Завршил шести клас во Солунската бугарска гимназија „Св.Кирил и Методиј“. Во јануари 1888 г., во една група од 19 души меѓу кои и П.Попарсов, привлечен од српската пропганда, заминува да учи во Белград бесплатно на сметка на Друштвото „Св. Сава“. Таму завршува гимназија и пак на сметка на „Св. Сава“ се запишува во Великата Школа. Во 1891 исклучени од школата го напушта Белград. Се запишува историја на Вишото училиште во Софија, но во 1891 г. и оттаму е исклучен. Во Софија со неколкумна сомисленици од кругот околу „Лоза“ создаваат „Дружба“ со цел да бараат примена на член 23 од на Берлинскиот договор. По убиството на министерот за финасии Х.Белчев, Даме и некои од неговите другари биле упасени како осомничени. Во април 1891 г. заминува за Македонија. Поддал молба да биде назначен за егзархиски учител Во Битола, но молбата му е одбиена. Назначен е за учител во Смилево. Следната година учителствува во Прилеп, а летото на 1893 заминува во Солун, каде работи како коректор во печатницата на К.Самарџиев. Даме е иницијаторот за средбата на 23-ти октомври 1893 г. во Солун. Избран е секретар и касиер. Во 1894-1895 г. назначен е за учител во Штип, каде заедно учителствува со Г.Делчев и Т.Делииванов. Во 1897/98 е интерниран од Солун во Битола, на 06.08.1900 г. е уапсен и осуден е на 10 години затвор. Но, и од битолскиот затвор Даме раководи со Делото. На 29.05.1902 г. од затворот во Битола е испратен во Подрум кале. Тука затворските казни ги издржуваат Х.Татарчев, Х.Матов, П.Тошев, И.Хаџиниколов и др. Пролета на 1903 г. е амнестиран. На Смилевскиот конгрес во почетокот на мај 1903 г. Даме избран e за член на Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ. На Рилскиот конгрес (окт.1905) избран е за член на ЦК. На 23.12.1906 г. кај с. Русиново (Малешевско) загинува во бој со турска потера.

4.) Иван Хаџи Николов, р. 1861 г. во Кукуш. Завршил вишо трговско училиште во Линц (Австрија). Професор во Солунската бугарска гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Еден од „лозарите“. Во 1893 г. отвара своја книжарница во Солун. Член на ЦК. Во јануари 1901 г. е осуден, казната ја издржува во Подрум кале. По амнестијата во 1903 се преселува во Софија. Се занимава со издавачка дејност и со трговија. Тешко заболен од параноја во 1934 г. се самоубива.

5.) Петар Попарсов, р. 1868 г. во с. Богомила (Велешко). Завршил литература на Софијскиот универзитет. Потоа работи како професор во Македонија. Во 1891 г. прави обид да создаде револуционерна организација. Еден од создавачите на Младата македонска книжовна дружина во Софија. За време на Винишката афера (1897), како професор во Штип бил затворен од турската власт во Подрум Кале. На Рилскиот конгрес избран за член на ЗП. По балканските војни живее во Бугарија, работи како прогимназиски професор во с. Костенец. Умира во Софија 1941 г.

6.) Христо Батанџиев, роден во Гуменџе. Во 1893 г. бил секретар на егзархиската митрополија во Солун. Во 1913 г. е заробен и убиен од Грци така што го фрлиле во морето.

7.) Антон Димитров, р. 1867 г. во с. Ајватово (Солунско). Студирал право на Вишото училиште во Цариград, а потоа и на Универзитетот во Лиеж (Белгија). Работи како професор во Солунската бугарска гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а подоцна како адвокат и судија во Битола и Цариград. После Првата светска војна се преселува во Софија, починал 1933 г.

8.) Љубомир Милетич, р. 1863 г. во Штип. Татко му Ѓорги, војводински србин бил чител во Македонија. Мајка му на Љ.Милетич е велешанка. Славјанска филологија завршил во Загреб и Прага. Професор на Софијскиот универзитет, член на БАН и на МНИ. Уредник на сп. „Македонски преглед“ (1924-1936). Запишал и публикувал спомени на 27 македонски револуционери. Починал 1937 г. во Софија.

19.) Анастас Лозанчев, р. 1870 г. во Битола, завршил во Солунската буг. гимназија. На Смилевскиот конгрес избран за член на ГШ на востанието. Во 1904 г. делува во Охридско и Дебарско, потоа се преселува во Софија. Во 1908 г и за време на војните доаѓа во Битола. Во 1943 г. во Битола учествува во прославата на Илинденското востание. Починал 1945 г. во Софија.

10.) Гоце Делчев, р. 1872 г. во Кукуш, убиен од турскиот аскер на 04.05.1903 во с. Баница, Серско. Член на ЦК 1896-1901 г. Oсновоположник на четничкиот институт на Организацијата. Гоце е најмалку оспоруваниот апостол на ВМРО.

11.) Ѓорче Петров, р. 1864/5 г. во Варош, Прилепско. Учител во Штип, Скопје, Битола (1888-95) и Солунската гим. „Св. Кирил и Методиј“ (1895-97). Долгогодишен член на ЗП. Учестник во Илинденснкото востание. Во Првата светска војна кмет на Драма, восле 1919 г. се застапува за независна Македонија и балканската федерација. Во Бугарија работи како началник за настанување на бегалците од Македонија, Тракија и Добруџа. Соработува со Стамболијски. Убиен на 28.06.1921 г. по заповед на В.Михајлов.

3 коментара:

Historian said...

Проба

Рилец said...

Това всичките части на статията от сайта http://www.makedonskaistorija.com/, който вече не съществува, ли са?

Historian said...

Ами събираме ги-))

Post a Comment

 
Copyright 2009 Македонска историја (Вежбанка за критичко мислене). Blogger Templates create by Deluxe Templates | Blogger Styles | WP by Masterplan