2/18/2010

Стравот и желбите на македонизмот во карантин (2)

Македонскиот историчар Крсте Битовски во 1997 г. пишува:

„Дилеми: како се викала ревoлуционерната организација при нејзиното формирање и дали познатиот, меѓутоа недатиран Устав кој Организацијата го нарекува „Бугарско-македоно-одрински револуционерни комитети“ е прв? [Не е Бугарско-македоно-, ами Бугарски македоно- з.м.] Кај нас, [т.е. во РМ] со определена задршка, се смета дека е тој прв Устав на Организацијата. Патем, тој не треба да се бара во Бугарија - го има и во нашата библиотека.

Бугарската историографија Уставот го прогласува за дело на Конгресот на Внатрешната организација (ВО) одржан 1896 г. Три причини се основни (јас би рекол чисто политички - кажува К.Битовски) што го инспирираа К.Пандев да посегне по такво очевидно фалсификување на вистината. 



Прво, Уставот е донесен во позрело време на Организацијата, кога се претпоставува дека таа била консолидирана, а нејзините решенија беа далеку пообмислени за разлика од првата година кога Г.Делчев и Ѓ.Петров уште не бе нејзини членови и кога импровизациите беа возможни; второ, автори на Уставот од 1896/97 беа Делчев и Ѓ.Петров, што би требало да значи дека двајцата први луѓе на ВО го определиле националниот (бугарски) карактер на Движењето во Македонија; и трето, најважно, со што треба да се „докаже“ дека големите успеси што ги постигна Револуционерната Организација во својот развиток (масовност, држава во држава, предизвикување на сериозна криза на Балканот и Европа...) биле постигнати во времето на Уставот со бугарска национална маркантност!
Целата ова работа е олесната со фактот што и овој Устав не е датиран. „Откритието“ на К.Пандев дека Уставот од 1896/97 г. бил тој што ги канел само Бугарите во борба (што е сосема нелогично бидејќи во Организацијата до 1902 г. беа вклучени, речиси, сите Македонци - патријаршисти и значаен број Власи, поради што еден познат битолски Влав, Модис, подоцна, Илинденското востание ќе го прогласи за грчко), во Бугарија е прифатено безмалку како епохално. И денес [1997 г.], доколку на кој и да е бугарски историчар му се испрати фотокопија на Уставот од Британскиот архив (Уставот бил испратен во Лондон во 1898 г.), од која се гледа дека тој точно го определува името на Организацијата - ТМОРО (1897 г.)! Историчарот тоа ќе го смета како провокација на „скопските историци“. Едноставно, тие луѓе сакаат да го цитираат К.Пандев, зашто неговите лаги повеќе им се вклопуваат во сметките отколку очевидната вистина.“ (сп. „Македонско Време“, Скопје - март 1997)

Спомени С.Арсов, П.Кљашев, Л.Џеров, Г.П.Христов, А.Андреев, Г.Папанчев, Д.Димитров, Скопје 1997 г.
Со некои од спомените на соборците на Гоце Делчев македонската
јавност имаше можност да се запознае за прв пат дури во 1995 и 1997 г.
Во СФРЈ беа на списокот на забранети книги.


Дејците на „здравата организација“ за својата националност

Георги Поп Христов (1876 с.Крстофор, Битолско - 1962 Софија) Георги Поп Христов [12]
Георги Поп Христов во почетокот на 1902 г. го придружува Г.Делчев во обиколката низ Битолско. Во неговите спомени стои и следното:
„Сфаќав дека идејата се состои главно во будење на бугарштината и затоа самиот агитирав во тој дух по околните гркомански села, на пример во Буково... Завршив во 1895/96 г. и бев назначен за учител во с. Кавадарци... Клетвата гласаше вака: „Те (ве) заколнувам, во името на чесноста, на Бога и на верата (3 пати), дека отсега натаму до последната капка крв ќе работиш за браќата во Македонија и Одринско; те (ве) заколнувам дека ќе бидеш послушен и дека нема да издадеш ништо од тајната која сега ти се доверува, ниту со мисла, ниту со дело; во спротивно, ако издадеш било со мисла, или со дело, ќе бидеш убиен од твоите браќа со кама, или со револвер, кои ги бакнуваш“. (Се бакнуваат камата и револверот). Така се станува член-работник во Организацијата. ...Веднаш по клетвата самиот си го определуваш членскиот влог. ...Во Кавадарци, по клетвата, ми ги дадоа да ги прочитам уставот и правилникот. Сеуште не се размислуваше како понатаму ќе се реализира (слободата), дали Македонија ќе биде одделно кнежество или не, дали ќе се соедини со Бугарија и сл. Во текот на распустот работев само со селаните. Во почетокот... самите не се одлучуваа да се вклучат, се плашеа. Кога им велев дека ќе дејствуваме самостојно, одговараа: „Што можеме ние сами да направиме?“ Зборував во црквата, со примери од евангелието им докажував дека треба да се жртвуваме за верата како што се жртвувал Исус Христос.“ (Спомени С.Арсов, П.Кљашев, Л.Џеров, Г.П.Христов, А.Андреев, Г.Папанчев, Л.Димитров, Скопје 1997. 289-291)

Симбол на одговорноста пред Бога и татковината.

Ангел Андреев[13] после Илинденското востание бил уапсен во Грција. За настанот, А.Андрев го рекол следното:
„На испитувањето им реков дека сум Бугарин, а не Грк, дека бевме под патријаршијата село Рудари но дека сега не знам под кого сме. Им кажав и дека учествував во востанието... Не ми веруваа дека сум Македонец. "Ти си од Бугарија" ми велеа. ...Во затворот дојдоа новинари. Се чудеа како под диктат на Бугарите од Бугарија сме се нафатиле да правиме востание. Ние одговоривме дека не работиме ниту за Грција, ниту за Бугарија, ниту за Србија, туку само за Македонија. Не само едно лето, туку 10 годин се подготвувавме и налет на нивната ученост штом поверувале дека за едно лето можело да се подготви едно такво дело - револуција, која ги обедини и гркоманите и Власите и Бугарите против заедничкиот непријател. ...Нè прашуваа кого сакаме за кнез во Македонија; ние сме биле историски поврзани со Грција и требало да сакаме грчки кнез. Ние одговоривме дека сега не мислиме на тоа - нека ни помогнат Грците да се ослободиме, па потоа лесно за тоа“. (Ibidedem p. 333-334)

Славејко Арсов Кикиритков (1878 Ново Село, Штипско -1904 с. Гигенци, Кратовско) Славејко Арсов [14]
Славејко Арсов со Марко Лерински други четници, во почетокот на 1902 г. го придружуваат Гоце Делчев во обиколката на Костурско, Воденско, Леринско и Битолско. Во спомените на С.Арсов, во врска со тоа што нè интересира сега стои следното:
Во "селото Гугово (Воденско)... го направивме последното општо собрание заедно со Делчев. По завршувањето на собранието Делчев одделно мене и на Марко ни даде упатства за идните дејства како да се постапува при агитирањето, особено во мешаните села, каде имаше гркомани; да се говори дека целата на четите не е луѓето да ги прават Бугари или Грци, туку да се ослободат од Турците, а потоа којшто сака нека биде. Во чисто егзархиските села се објаснуваа лошите страни на живот, се правеше кус историски преглед на турското ропство и сл. Се објаснуваше колку било силно некое време бугарското царство, кои биле причините да падне под Турците, т.е. неслогата." (Ibid. 52)

Георги Иванов, познат како Марко Лерински (1860/2? с. Жернава, Котленско - 1902 П’теле, Леринско) Марко Лерински [15]
Во врска со учеството на Гоцевиот телохранител Марко Лерински во агитацијата на Организацијата, во спомените на војвода Пандо Кљашев се кажува:
"Зборуваше и Марко на својот источнобугарски говор. Вооодушевувањето кај селаните беше големо." (Ibid. 172)

Тома Давидов (Ловеч, Бугарија 1863 - 1903 с. Рбиново, Охридско Тома Давидов [16]
Во спомените на Славејко Арсов за агитацијата во Битолско и заколнувањето на новопримените членови стои следното:
"војводата ја кажува клетвата, а тие повторуваат: "Се колнеме во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служиме на нашата татковина Македонија и Одринско, ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари...." Потоа им се честиташе: "честито!" ... Им се објаснуваше што означува "татковината наша Македонија и Одринско", дека, имено говориме еден јазик, дека сме една вера, дека треба заедно да работиме, а не посебно, што е повелба и сл." (Ibid. 57)

Ресенската чета со војводата Славејко Арсов.
Ресенската чета со војводата Славејко Арсов.

Во врска со агитацијата во Преспанско Славејко Арсов кажува:
„Кога Петров (Војвода во Костурско) дошол во селото Герман (гркоманско село со 150 куќи, 50-тина куќи се отцепиле и преминале во егзархијата)... направил собрание со селаните, на кое бил и кметот. Им се објаснувало делото кое е општо за сите, а не само бугарско. (Ibid. 70)
Легендарниот војвода Питу Гули (1865-1903), Влав по мајка, Албанец по татко. Родум од Крушово. Питу Гули [17]
Славејкo Арсов агитирал и среде македонските Власи: „Од селото Маловиште (влашко село) излегоа вооружени 20 души. Раководител беше Стефан Барџак (Цинцар). ...Кога дојдов во Подмочани, ме пречека. ...Ми кажа дека пред некој ден дошол од Ѓавото каде ги подготвувал селаните. Посакав и јас да зборувам и во меаната ги викнавме сите селани Власи, меѓу нив и гркоманските Власи. ...Ги поканив да ни се придружат, дека не сакаме да станат Бугари, дека со тоа не се занимаваме и сл.“ (Ibid. 130)

Крушевската чета на Питу Гули.

Ѓорче Петров Ѓорче Петров
Ѓорче Петров во своите „Материали по изучваннието на Македония“ (Софија 1896 г.), напишани додека тој е егзархиски учител по географија во Скопје (1881-1891) и Ботола (1891-1895), а наменети за Военното министерство во Софија, тврди дека:
„Македонското население (се) состои од Бугари, Турци, Арнаути, Власи, Евреи и Цигани. (...) VI. Бугари. Тие ја составуваат масата на населението во областа што ја опишувам. При сите извртувања на официјалната (турска) статистика пак тие фигурираат повеќе од половината на целото население." (БАН, Документи и материали за историята на българския народ, София 1969. 265) Во 1902 г. Ѓорче Петров издава брошурка „Македонското освобиделно дело на българска почва“. Самиот наслов говори за сè што сега е предмет на нашиот интерес.

Ангел Динев (1891 с. Смоквица, Гевгелиско - 1952 Скопје) Ангел Динев [18]
Ангел Динев во својата „Илинденска епопеја“ пишува:
„Патријарх на македонското национално будење воопшто беше скопскиот владика дедо Теодоси, кој му даде идеја на Ѓорче Петров, еден од членовите на ЦК на ВМРО, да собира материјали за географската и етнографската историја, за самостојна македонска национална култура. ...Ѓорче собра материјали и напиша голема и убава македонска историја. Но таа не виде бел ден. Откупена во ракопис за 30 илјади лева, тогашни пари, таа изчезна.“ (Ангел Динев, Илинденска епопеја, Скопје 1978. I. 70)

Првото зидание на кн. I на „Илинденска епопеја“ од А.Динев излегло 1944 г. во Софија, а второто 1978 г. во Скопје. Втората кн. од „Илинденска епопеја“ на А.Динев, Скопје 1949 прво издание и 1978 г. второ издание.


Егзархиската машка гимназија „Св.Кирил и Методиј“ во Солун.
Солунската егзархиска машка гимназија „Св.Кирил и Методиј“ е основана во 1880 г. под покровителство на Егзархијата, по иницијатива на Кузман Шапкарев и Методи Кусев. Од 1887 г. во неа почнува да работи педагошкиот, а во 1899 г. и трговскиот оддел. Во 1897/8 г. поради нетрпеливоста меѓу т.н. егзархисти (еволуционисти) и Органиацијата, гимназијата се наоѓала пред сериозна опасност да биде затворена. На 01-04.01.1903 г. во гимназијата е одржан конгресот на ТМОРО на кој е донесено решението за крвење на Илинденското востание. По нејзиното затврање во 1913 г. од стрна на грчката власт, гимназијата продолжува да работи во Горна Џумаја (Благоевград).

Професори и ученици во Солунската егзариска машка гимназија 1888/1889 г.

Професори и ученици во гимназијата 1888/1889 г. Григор Прличев во првиот ред трет од лево. Во Солунската егзархиска машка гимназија предавелае истакнати просветни дејци: Кузман, Шапкарев, Трајко Китанчев, Васил К’нчов, Иван Гарванов, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Ников, Ѓорче Петров. Во неа се школувале Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Борис Сарафов и многу други дејци на ТМОРО.

Ѓорче Пeтров Ѓорче Пeтров
За судирот меѓу „сепаратистите“, т.е. Организацијата и т.н. партија на егзархистите (или евулуционистите), кој се зачнал уште во 1894 г., Ѓорче Петров во своите спомни кажува:
„Борбата против Егзархијата од несакање се претвори во револуционерна и за мнозина од солунските дејци може да се каже дека се нашле во чудо, бидејќи работата изгледала посериозна отколку што си ја мислеле. Егзархијата и нејзините луѓе во Солун, Битола и други места во почетокот не веруваа дека новава дејност [т.е. подготовката за востание] ќе даде некакви вистински резултати зашто не допуштаа дека населението ќе тргне по такви лесни луѓе, за какви тие ги сметаа своите противници, главно солунските. Тие сметаа дека сè произлегува од Солун и веруваа дека тие наречени „сепаратисти“ го прават тоа не со скриена намера да дигаат револуција, туку како една нивна партиска маневра за да ги турнат и да се издигнат тие, да си создадат популарност соборувајќи ги своите противници. Така мислеле егзархистите како Шопов во Цариград, секретар на егзархот, Селџобалиев; К’нчев, А.Тошев, А.Наумов, учители во Солун, Самарџиев и Кондов, граѓанин од Солун.[19] За егзархистите револуционерното дело претставуваше такво доколку во него гледа партија, средство да бидат биени од противниците. ...Во Солун беа дошле од Кукуш ми се чини во 1894 г. околу 400 лири во ЦК. Ова го беа намирисале егзархистите, а беа дочуле и други работи, од кои разбрале дека влијанието на „багабонтите“ не е така мало (ние пак ги викавме „умните“) и дека работата им е посериозна отколку што си мислеле. Потресени од тоа, според меѓусебен договор на Солун со Цариград го испратија Самарџиев да пропатува низ Македонија за да се поднаучи како стои делото и да агитира колку што може против него. Самарџиев во Костурско, агитирајќи, јавно зборувал: „Овие убави села ќе бидат упропастени, крепете ги црквите и училиштата. Бугарија има 200.000 штика и со нив ќе се ослободи Македонија“. Со оваа мисија ги обиколил Солунско, Битолско и дел од Скопско; бил и проповедувал во Охрид, Лерин, Костур, Битола, Ресен, Крушево, Прилеп, Велес, Скопје, Штип, Струмица, Гевеглија и Воден. ...Спрема Самарџиев единствено утешно било тоа што во таа работа биле вмешани и „серизони“ луѓе - Матов (во Скопје), Пере Тошев (во Битола) и уште јас во Битола. ...Како последица на овие откритија на Самарџиев настанува пресврт кај егзархиските луѓе спрема „Организацијата“. Таа уште не се викаше „организација“ - овој термин после излезе.
Христо Матов (1872 Струга - 1922 Софија).
Христо Матов [20]
Место да ја отфрлат решително, тие усвојуваа друга тактика, изгледа, бидејќи се помириле со постоењето на организацијата како со неопходна потреба, а смело решиле да ја земат во свои раце кога ќе ги отстранат „несериозните“ луѓе. Како последица за таа цел сакаа да ги употребат споменативе погоре „сериозни“ луѓе - Перета, мене и Матов. ...Со Перета се согласивме, дека ќе треба да се обидеме да се мавне ова партизанштина како остаток од бившите борби. Ние веќе подозиравме дека егзархиските луѓе сакаат да го земат делото во свои раце. При сè тоа примивме да посредуваме да се сообразат партизанските противречности, да се примат сите во организацијата на општи начела. И ние со Перета допуштавме дека и нашите пријатели во Солун малку претеруваат во своите партизански настроености, кога го зеле веќе во свои раце делото. Имаше нешто како бојкот на Самарџиевата книжарница, бидејќи беше кај „умните“, а сите младинци одеа во книжарницата на Х.Николов, бидејќи беше од „багабонтите“. Ова сè беше станало без распоредување, туку само по себе. Раздразливоста беше голема. Со Перета бевме на мислење дека некои работи треба да се изгладат, дека треба вратите на организацијата да и се отворат и на Самарџиевата партија и да се изгуби името на старите кавги: „егзархисти“ и „антиегзархисти“.

Егзархот Јосиф I, бугарски егзарх во Цариград (1877-1912), крстено име Лазар Јовчев (1840-1915)
Егзархот Јосиф I

...Да расправам една случка со егзархот. ...По тоа време беше се подигнало некакво прашање, ми се чини од Русија, да се дигне Егзархијата [од Цариград]. И во Егзархијата се чувствуваше потреба за една поткрепа кај месното население во вид на манифестации, декларации и тн. Агентите на Егзархијата беа малку очаени, имаа сомнение, дали ќе ги добијат саканите манифестации од сите општини со потписи и печати со кои се искажува доверба во егзархот и се бара од владата да го задржи егзархот, да не го остава населението без Егзархијата. Какво беше прашањето што го исплаши толку егзархот, ние не знаевме, но ние покажавме дека не сме туѓи на тоа прашање. Танев, секретар во училишниот оддел, кој се сметаше поблизок до нас заедно со Лазаров [началник на училишниот оддел при Бугарската егзархија во Цариград] (К’нчов се сметаше повеќе наш противник), се обрна кон нас, Централниот комитет, и нè покани да го поткрепиме и ние тоа барање на егзархот. Предлогот го примивме без никаков отпор; ги поканивме нашите другари од провинцијата и Егзархијата беше претрупана со молби. Некои од овие молби беа многу оригинални и срдечни. Ние од срце го примивме тоа, зашто бевме убедени, дека Егзархијата како установа треба да постои во Цариград и ако се боревме со неа, се боревме по егзархиски работи, во врска со нашата идеја.
На денот на Св.Кирил и Медодиј во бугарската гимназија во Солун.

Чествување на денот на словенските просветители
„Св.Кирили и Методиј“ во егзархиската машка гимназија во Солун.

Во прво време при отпочнувањето на делото неделните училишта послужија како агитационо средство за групирање и возбудување на поинтелегентната младина. По иницијатива на младинците и со сочуство на првите работници на делото неделните училишта беа отворени во повеќето чисто бугарски градови во земјата. [Кажаното од Ѓ.Петров се однесува на Македонија.] И тие служеа како општествен фактор за противтежа спрема општините, кои што се стремеа кон владиците и не можеа да станат духовен центар на сите слоеви на населението. Предавањата од учителите, често блиски до бунтовнички, макар и не отворено (во Штип имаше и отворени бунтовнички предавања од Даме Груев), библиотеки, книги за читање - тоа се трите улоги на неделните училишта. Главаната улога беше, што тоа беа места, каде се зборуваше и се зајакнуваше млaдината. На К’нчов, Наумов и компанијата им доаѓа итра мисла да образуваат во Солун читалиште и да формираат единствена организација од сите читалишта во Македонија, да го направат Солунското неделно читалиште централно, уврени дека тоа ќе биде во нивни раце, затоа што покрупните учителски и граѓански сили беа на нивно раполагање. По тој начин мислеа да го поткопат авторитетот на ЦК, да го издигнат својот и да ја добијат младината на своја страна. ...Јас се сетив каде одат и по мое настојување се реши да се прими идејата за основање на неделно училиште во Солун без да се споменува за организаирање на на други читалишта и без да се спомнува дека солунското ќе биде централно. ...Бевме ополномоштени јас и Гарванов да го составиме уставот на неделното училиште и се реши дека тоа како ново и младо не може само по себе да се прогласи за централно. Неделното училиште постоеше некое време - сврши за 7-8 предавања, а предметите им се предаваа на неписмени и полуписмени. 

...Да се вратиме кон прашањето за мојата главана работа - за мојата мисија за посредништво. Штом стигнав во Солун противната страна ме дочека добро: Сарафов, Самарџиев, Наумов. Во долги разговори си го кажаа мислењето, си ја искажаа и желбата нашироко. Од сето тоа извадов заклучок дека сакаат ЦК да се дели меѓу двете партии. Тие ми зборуваа отворено. И Сарафов зборуваше... сè во тој правец, така што ЦК да се дели наполу, да се се подготвуваат како две странки. Но се гледаше дека нивната интимна желба беше да ја земат работата во свои раце и да отстранат од Солун некои од нивните непријатни лица. Колушев, Гарванов и јас смислено бевме образувале тесна другарска компанија. Јас смислено дружев со нив со намера даги привлечам и да ги запишам во Организацијата. Дури и за тоа им направив формален предлог, но ми откажаа. Гарванов ми рече дека е веќе доцна за нив, дека (обични) редници не може да стануваат. Гарванов врвеше за близок и ваму и таму, та му се доверуваме. ...Меѓу лицата што сакаа да ги отстранат требаше да биде и Даме Груев.

Иван Гарванов (1869 Стара Загора - 1907 Софија, убиен по запвед на Ј.Сандански), претседател на ЦК на ТМОРО од јануари 1901 до пролетта 1903 г.
Иван Гарванов [21]

Јас се убедив дека овие луѓе ниту мислат сериозно за делото, ниту се подготвени за тоа. Поставив прашање во ЦК и го побарав мислењето на другарите од Комитетот. Сите го примија посредништвото да стане и беа согласни да влеземе во разбирање. ...Најпосле по решение на другарите од ЦК им направив јасен и определен предлог, дека и тие и нивните луѓе без разлика ќе се примаат во Организацијата без приговор. Даме, јас Пере Тошев искрено го сакавме тоа за да се ослободиме од ваквото прашање. Татарчев и Х.Николов уште малку дипломатсвуваа - кај нив тргите од партизанските кавги сеуште не беа изгубени. При сето тоа не можевме и ние туку така на овие луѓе да им дозволиме да влезат право во ЦК. Тие не прифатија, што беше глупо, зашто ако тие беа влегле на општа основа, без сомнение брзо ќе влезеа и во комитетот. Еден човек како Сарафов само да сакаше ќе влезеше. Но се гледа дека тие тоа не го сакале. Никој не дојде да даде клетва и односите пак по старо си продолжија. Но разлика имаше во тоа што и противниците зедоа да се однесуваат со поголемо уважение кон нас, па и делото се беше издигнало. Тоа што не можеа да го постигнат преку мене, се надеваа да го постигнат преку Перета.

Пере Тошев (1865 Прилеп - 1912 убиен во Дреновска клисура) Пере Тошев [22]

Пере дојде во распустот 1896 г. и со наша согласност и тој се зафати со таа улога, но и тој дојде до истиот безупешен крај, само уште со таа разлика, што се раздели со нив остро, ги испцува. После тоа изгубија секаква надеж да се доберат до раководството по тој пат. ...И затоа тие се принудија да фатат друг пат: излегоа да проповедат божем исто што и ние, само со претензија на умереност. Определените проповеди им беа овие: „Бугарија ќе нè ослободи и од Бугарија да чекаме сè, ние треба само да се подготвуваме. Пушки да не се купуваат и да не се внесуваат, зашто кога ќе потребаат Бугарија ќе ги даде. Револуционерност да не се пројавува во акции, туку само во морална подготовка.“ Тоа му беше основата на „братсвото“ коешто тие го основаа попосле - 1989 г. Во истиот распуст во 1896 г. кога Пере водеше преговори, јас стигнав во Софија, привремено испратен. И овде го направија истиот обид прку Врховниот комитет во истата насока и преку мене (како понапред со Перета), но без успех. Потоа тие - во Солун и Цариград - престанаа да прават слични обиди и сосоема отворено и непријателски се зафатија со агитација за да ја разрушат Организацијата. К’нчев, како инспектор, [егзархиски училишен инспектор] систематски ги проселдуваше учителите, наши сомисленици и ги зaмeнуваше само со „незамешани“ учители. Наумов, како бивш директор на Педагошкото училиште (Педагошки курс во Солун) дејствуваше енергично во таа насока и меѓу учителите. Целата егзархиска машина и услужуваше на оваа контра агитација. Едновремено почнаа и интриги против Организацијата пред Врховниот комитет во Кнежеството и пред бугарската влада, за да создадат настроеност против Организацијата. Конечно ова струја се оформи со создавањето на „Братството“ - „Револуционерното братсво“. Тоа беше последниот обид на егзархистите да го земат во свои раце влијанието во земјата што им се измолкнуваше. К’нчов во согласност со егзархот и Селџобалиев ја дадоа идејата за Братсвото. Тие го најдоа погоден Гарванов за да го протистават на нашите луѓе. Бидејќи Гарванов беше посклон од сите егзархиски приврзаници да се оддаде на револуционерна дејност, тој сигурно ќе влезеше во нашите редови, ако беше поканет порано за член на ЦК. Токму затоа за да го придобијат Гарванова, се согласија да го стават Братсвото на божемна револуционерна база, колку да можат полесно преку блискоста на целите да се превземат позициите на ЦК. Братсвото немаше друга идеја... Најсилен поттик за да се засили работата за отварањето на трговските агентства во Македонија беше тој што Егзархијата поднаѕираше во нашата организација опасен непријател, што ќе го разруши сето егзархиско дело. [Првите бугарски трговски агентства-преставништва во Македонија биле отворени 1897 г. Кнежество Бугарија (независно во 1908 г.), во периодот за кој говори Ѓ.Петров, немало право да отвара свои димломатски претставништва.] Од друга страна Егзархијата и нејзините луѓе постојано се обраќаа кон владата и од неа чекаа спас. За да може да се спречи опасноста од револуционерната организација се отворија агентствата за тиа да нè запираат и да не парализираат. За ова цел ставија во нив луѓе блиски до делото - Ризов, Наумов, Карајовев, за да нè парализираат, Ризов играше двојна улога - од една страна како познат на нашите, таму се зближи со нив и скаше да им даде да разберат, дека тие без бугарската влада ништо не можат и дека ако таа се објави против организацијата во Бугарија и таму преку нив, агентите, може да ја поништи. Како пријател на делото и на повидните дејци, тој ги предлагал своите услуги да ја отстранат оваа опасност под услов дека неговите совети ќе се слушат внатре и дека дејноста на Организацијата ќе се води во тој правец, што тој го наоѓа за добар. За да игра поголема улога Ризов уште овде беше подејствувал јас да не стојам во Бугарија, да не седам овде во Софија, туку да појдам во Одрин. Тој беше уредил во Егзархијата, така што Даме да биде преместен во Серез, за да не биде во Солун, а Пере Тошев да биде во Солун. На него сметаше бидејќи беше во лично пријателство. Од друга страна Ризов се застапуваше кај владата за нашата кауза, ја истакнуваше во пошироки размери нашата вредност и сила, ја претставуваше Организацијата за сила во земјата итн., но не даваше да се разбере, дека тој ќе соумее да ја крепи положбата како агент на бугарската влада и како близок на револуционерите. Тој општеше и со кнезот. Тој имаше дадено одлични извештаи за нашата Организација, главно за да се претстави како неопходно потребен. Инаку Ризов како агент на бугарската влада, особено пред турските власти, се држеше најдобро од сите. Никој не го замени досега [1908 г.] во тој поглед. 

...Од моите први допири со владата во мене настана голем преврат, во моите поими за улогата на официјална Бугарија во ослободувањето на Македонија. Тогаш се зародија во мене, а после и понашироко во другите, состојбите на коишто попосле легна Организацијата, а имено положбата за самостојност во акциите и надеж само во себе. Двеста илјада штика на Бугарија на кои ние во почетокот им ги предававме сите надежи, веќе не нè соблазнуваа. Сфативме дека само што ќе постигнеме со наши сили тоа ќе биде сигурно постигнато.“ (Ѓорче Петров, Спомени - кореспонденција, вовед, коментар и редакција Љубен Лапе, Скопје 1984. 61-64; 68-72; 90 и 94)

12.) Георги Поп Христов, р. 1876 с. Крстoфор („Христовор“), Битолско. Во с. Буф (Леринско) образованието го започнал на грчки јазик, потоа учи во егзархиското училиште во своето родно село. Звршил педагошкото училиште во Солун. На 19.02.1902 г. е уапсен и осуден на смрт. Амнeстиран во фебруари 1903 г. На Смилевскиот конгрес бил избран за заменик на Дамјан Груев како член на Главниот штаб на востанието. За време на востанието војвода во Леринско. По востанието доаѓа во Бугарија, 1904 г. се враќа во Македонија, учествува во обновувањето на делото во Битолско, Костурско и Леринско. Учествува на Прилепскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес во окт. 1905 г. По младотурската револуција (1908) ја легализира својата работа, но после две години турската власт пак го осудува на заточене во Мала Азија, од каде бега во 1911 г. Учествува во балканските и Првата светска војна. Во еден период по Првата светска војна, до 1925 г., член е на ЦК на ВМРО. Соработува со А.Протугеров. Во 1931 г. по наредба на В.Михајлов се повлекува од активното учество во вмровските работи. Објавил автобиографски спомени „Револуционерната борба во Битолскиот округ“, Софија 1953 г. Умира 1962 г. во Софија.

13.) Ангел Андреев, р. 1867 г. во с. Рудари (Преспанско). Учел две години во грчкото училиште во с. Герман. Учествувал во пресметките со врховистите. Со ревизионата чета на капетан Тома Давидов доаѓа во Македонија. По Смилевскиот конгрес е назначен за војвода на 15 села во Преспанско.

14.) Славејко Арсов Кикиритков, р. 1878 г. во Ново Село, Штипско. Основно образование завршил во родното место, учел во Скопје и една година во Софија 1897/98. Брат му Михаил станал член на Организацијата во времето кога Даме и Гоце учетелствувале во Штип. Славејко се заколнал 1896 г., при што татко му Арсо рекол: “Едниот син ми загина, а сега него ќе го замени помладиот.“ С.Аров при крајот на 1899 г. се настанува во Кичево каде го развива делото. Есента на 1901 г. станува четник во четата на Марко Лерински. Со капетан Тома Давидов учествува во дејноста на ревизионата чета. А.Арсов е војвода во Битолско и Ресенско. По востанието оди за Бугарија, на врќање оттаму на 09.07.1904 г. кај с. Гигенци - Кратовско, загинува во битка со турската војска.

15.) Марко Лерински, сценско име на Георги Иванов, р. 1860 или 1862 г. во с. Жернава, Котленско - Бугарија. Фелдфебел во бугарската армија. Учесник во српско-бугарската војна во 1885 г. Во 1895 г. се вклучува во четите кои ВМОК ги праќа во Македонија, но по нивната неуспешна мисија се враќа во бугарската армија. При крајот на 1901 г. и почетокот на 1902 г. го придружува Г.Делчев „од другата страна на Вардар“. Во 1902 г. по наговор на Г.Делчев и Ѓ.Пeтров станува војвода на Организација. На 13.07.1902 г. четата на М.Лерински е опколена во с. П’теле, во жестока битка загинува со дел од своите соборци.

16.) Тома Давидов, р. 1863 во Ловеч - Бугарија. Лекар. Учесник во српско-бугарската војна 1885 г. Капетан во бугарската армија. Во 1899-1901 г. е потпретседател на ВМОК , т.е. на т.н. врховисти. Во 1902 г. дејствувал во Македонија во својство на војвода, потоа назначен е за ревизор на четите на ТМОРО во Битолско. Загинува 1903 г. во с. ’Рбиново (Охридско), во борба со турската војска. А.Андреев за дејствувањето на ревизионата чета во селата по цела југозападна Македонија, кажува: „Сменувавме војводи, разместувавме, четници, држевме воена обука. Ги прегледувавме сметките на војводите. Се правеа белешки за планините, местата, каде може да се крие храна, брашно и др.“ (Ibid. 317) С.Арсов во своите спомени кажува: „дојде и капетан Давидов - околу 10 фебруари. Давидов пред тоа ги имаше обиколено Битолско, Леринско, Преспа и дојде во Ресенско. Се сретнавме во Болно, првпат. Беше скромен, кроток, тих. ...тој одеше во комплетна oфицерска униформа - со сабјата, со медалите, капата со шинел-палерина, со еполети... Тоа оставаше впечаток врз луѓето, доста охрабруваше.“ (Ibid. 83)

17.) Питу Гули, р. 1865 г. во Крушево, од мајка Влаинка и татко православен Албанец. После 1882 г. П.Гули заминува на печалба во Софија, во Македонија се врќа со чета во 1885 г., но е упасен и осуден на 7 години заточение во Дијаркебир - Мала Азија. Во 1902 г. четникува во четата на Т.Давидов. Ранет е во битка и префрлен на лекување во Бугарија. Пролета на 1903 г. формира своја чета и се враќа во Македонија. За време на востанието член е на Горското начелство, но одбива да се повини на решението на Горското началство за повлекување на востаничките сили од Крушевската република. Со најгоемиот дел својата чета загинува на 12.08.1903 г. на Мечкин Камен.

18.) Ангел Динев, р. 1891 г. во с. Смоквица, Гевгелиско. Во 1918 г. емигрира во Бугарија, во Скопје се вратил 1948 г. Публицист и „историчар на македонското национално движење (левица)“, автор е на неколку труда: „Македонските Словени“ Софија (1938), „Илинденската епопеја“, кн. I. Софија 1944 и кн. II. Скопје 1949. „Политичките убиства во Бугарија“, Скопје 1951 г. Починал 1952 г. во Скопје.

19.) Атанас Шопов - Офејков (1853-1922), р. во Панаѓуриште, дипломирал право во Петроград. Судија на Апелациониот суд во Бугарија, во 1884-1897 г. секретар на Бугарската егзархија во Цариград, редактор на „Новини“, претставник на трговското агенство во Солун (1897-1907), генерален конзул во Солун (1909-1913), автор на неколку книги за Македонија. - Васил К’нчев (1862-1902), р. во Враца, студирал хемија во Русија и Германија, началник на училишниот оддел при Егзархијата, буг. етнограф, проф. во Солунската егзархиска гимназија. Во 1901 станува министер за народна просвета во Бугарија. Убиен од еден отпуштен службеник од истото министерство. Автор на неколку дела: Положението на българите в Македония (1895), Йордан Хаджи Константинов Джинот (1896); Македония етнография и статистика, во два тома со етнографска карта - 1900 г. и др. Коне Самарџиев (1854-1912), р. во Прилеп, книжар. Од 1889 г. почнал да издава „Книжици за прочит“ и народни календари со популарна содржина. - Јосиф Кондов од Прилеп, банкар, член на Тајното ревулуционерно братство, па член на ЦК на ВМОРО. - М.К.Сарафов директор на двете гимназии во Солун, водач на егзархистите во Солун. - Христо Ганев од Плевен, хемичар и професор. - А.Тошев, после трговски агент и ополномоштен министер. - Анастас Наумов педагог од Прилеп, член на „братството“, потоа и на ВМОРО. - Неделчо Колушев, д-р, учител во Солунската гимназија и член на „братството“, на ВМОРО, подоцна буг. дипломат во Солун и Цетиње.

20.) Христо Матов, р. 1872 во Струга, дипломира на Софијскиот универзитет, професор по литература и директор на егзархиското педагошко училиште во Скопје. Во 1898 станува член на ЦК, во 1901 г. осуден на заточение во Подрум кале, амнестиран 1902 и станува член на ЗП. Учествува на Рискиот конгрес на ВМОРО (1905). По Младотурската револуција, заедно со основачите на ВМОРО А.Димитров и Х.Батанџиев, еден од основичатите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Македонија. На Ќустендилскиот конгрес (1908) е избран за член на ЗП. Учествува во Првата светска војна. Автор на публицистички трудови. Тешко се разболува и во 1922 г. во Софија се самоубива.

21.) Иван Гарванов, р. 1869 г. во Стара Загора - Бугарија. Завршил математика и физика на Софискиот универзитет (1892), специјализарал во Виена. Професор во Солунската егзархиска гимназија (1894-1903). Основач на Тајното револуционерно братство (1897). Од 1990 г. член на Организацијата, а од јануари 1901 до пролета на 1903 г. претседател на ЦК на ТМОРО. По Солунските атентати е осуден на заточение. Амнестиран во 1904 г., заминува за Бугарија, во 1906 г. член е на ЗП. Убиен во 1907 г. од Тодор Паницата по заповед на Ј.Сандански, во име на Серскиот револуционерен конгрес.

22.) Пере Тошев, р. 1865 во Прилеп, се школувал во Солун и Пловдив. Егзархиски учител во Скопје, Битола и Солун. На Солунскиот конгрес во 1896 г. станува член на ЦК. Во 1901 г. осуден на заточение, амнестиран, пролетта пред востанието дејствува во Мариовско. Учествува на Прилепскиот конгрес, на Рилскиот конгрес поднесува Правилник, избран за член на ЦК. Учествува на Серскиот конгрес. Во 1908 г. еден од редакторите на „Конституциона заря“. Убиен на пат за дома 1912 г. во заседа во Дреновската клисура.

0 коментара:

Post a Comment

 
Copyright 2009 Македонска историја (Вежбанка за критичко мислене). Blogger Templates create by Deluxe Templates | Blogger Styles | WP by Masterplan