2/18/2010

Стравот и желбите на македонизмот во карантин (4)

Како еден од значајните настани во „македонското национално ослободително движење“ во борбата против „врховистичките орудија“ после Првата светска војна, во македониската историографија се смета упатениот на 9-ти март 1919 г. „Апел до македонскиот народ“.

Но, апелот не е до „македонскиот народ“ (во македонистичка смисла на поимот), туку до „македонското население“. Во овој aпел до македонското население меѓу другото се кажува:
„1. Македонското население, без разлика на народност и вера, ...има цврста и свесна желба неговата земја да се запaзи цела и неразделена како самостојна политичка единица на



Балканот во нејзините природни балкански граници врз базата Солун како општ центар, Вардарската долина, Скопје и Битола со нивната стопанска и економска заднина. Овој свој стремеж да заживее мирно и слободно македонското население е готово да го подвлече и отворено преку еден плебисцит кога ќе се отстранат заинтересираните администрации.
2. На ваквата создадена држава да и се даде самоуправа со полна рамноправност и еднакви права на сите народи без разлика на бројност...
3. Додека се организира и зацврсти внатрешно и до целосно изживување на тукушто стивнатите расправии и страсти меѓу разните народности... идната самостојна Македонија да добие солидни меѓународни гаранции за својата постојана неутралност и да биде под меѓународна заштита против секаквите завојувачки стремежи однадвор...
4. ...Кристализирани одамна во својата национална физиономија, никоја од народностите во Македонија не сака туѓо политичко ропство... Притоа македонското население... е исправено пред неопходноста... да живее самостојно, само за себе во братски односи со сродните балкански народи, доколку нивните влади ќе ја почитуваат Македонија како постојан и рамноправен фактор на Балканот.
Ако овие барања се навистина барања на нашите сонародници... ние потписниците на овој апел... ги имаме квалитетите да ја претставуваме бившата рeволуционерна организација и да и служиме верно, дајте ни ја довербата, дајте ни ја поткрепата. Ние ќе се помачиме оваа организација со сите незјини зачувани сили да стане повторно на своите нозе. ...“

Aпелот до македонското население на Привремeното претставништво на бившата ВМРО (серчани) и од други дејци на ВМОРО, е потпишан од: „Ѓ.Петров, П.Ацев, Т.Деливанов, М.Герџиков, Т.Серски, А.Лозанчев, Д.Х.Димов, Д.Икономов, Хр.Јанков, Кр.Љондев, Н.Пушкаров, Протојереј Томо Николов, Чуд.Кантарџиев, Р.Ризов, Г.Скрижовски, П.П.Арсов, Пав.Христов, Лука Џеров, М.Шкатров, Ар.Ма-ев [Аргир Манасиев], Ст.-В. [Стаматов Војвода] и др.“ (ИНИ, Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје 1981. 607-608)

Гоце Делчев Гоце Делчев
Ѓорче Петров Ѓорче Петров

Околу два месеца покасно, првиот потпишан на погоре споменатиот апел од 9-ти март 1919 г. Ѓорче Петров, во својата беседа за Гоце Делчев одржана во Софија на 4. мај 1919 г. на покана на група македонски студенти по повод 16 годни од загинувањето на Гоце, кажува:

„Делчев, не беше само борец за македонското ослободително дело, туку и човек на бугарската општествена мисла. ...Делчев умре по слаткото прикажување со една бабичка среде бугарско село [с. Баница, Серско - Егејска Македонија]. ...вратите на Организацијата беа широко отворени за сите Бугари, безразлично од нивните политички убедувања... Живот на Делчев среде народните кругови се одвиваше младешки, но на секој чекор тој личеше на учител: да ги разбуди кај Бугарите смелоста, неустрашливоста и другите квалитети за кој тој беше лично пример. ...Револуционерната дејност на Гоце Делчев во Организацијата почна 1894 г. како учител во штипско Ново Село.

Македончињата, 4-5 души од Военото училиште... формирале таен социјалистички кружок... Делчев беше најбудниот меѓу нив. ...Никој од неговите другари не можеше да си спомне зошто тој го избрал токму Штип и по чија ургенција бил назначен таму. ...Според една верзија, преку летото во 1894 г. Гоце заминал за Солун каде се сретнал со Даме и со негова помош бил назначен за учител во Штип.

Ефрем Чучков, другар на Гоце, нè уверуваше, дека Гоце уште од Софија знаел дека ќе оди во Штип, бидејќи се распрашувал за градот... Еден другар на Гоцета, кукушанецот Георги Имов, кој беше отпуштен од Военото училиште, пред Гоцета, ...може да биде врската со Даме. Чучков предполага дека врската е воспоставена преку него. ...Ентузијазмот на Делчев, кој дејствуваше на чувствата и методичкиот ум на Даме Груев, којшто дејствуваше на сознанието, ги поставија темелите и ја издигнаа зградата на онаа револуционерна тврдина од град Штип, чија слава стигна дури и до Србија, кога штипските младинци во текот на 1914 г., како регрути во Крагуевац, откажаа да му дадат заклетва за верност на крал Петар, пеејќи бугарски патриотски песни.[29]

Сакаме да истакнеме, - кажува Ѓорче, - дека по Битола со Пере Тошев, Штип со Делечев стана второто по значење револуционерно гнездо во Македонија. ...Денешното поколение, македонско-бугарско население, израснато во целина во револуционерната атмосфера, калено во борби и страдања, ќе биде готово да ги следи до крај неговите завети за татковината. ...Македонија ја загрозува подлабоко робство - српското и грчкото кое е гарантирано, ако не засекогаш, тогаш за долго врме. ...Едно знам, дека паметењето на народните борци - светци било потребно за поколенијата, за да ги буди и повикува на работа.“ и т.н. (Ѓорече Петров, Беседа за Гоце, Скопје 2003. 11; 21; 22; 24; 27-29; 50; 86 и 88.)

Од лево на десно: 1. Ѓорче Петров, 4. Тодор Александров, 6. Андреј Љапчев, 7. Симеон Радев, 8. Војвода Стаматов.
Од лево на десно: 1. Ѓорече Петров, 2. Тодор Александров, 6. Андреј Љапчев, 7. Симеон Радев, 8. Војвода Стаматов.

Тодор Александров (1881-1924) Тодор Александров [30]

Пред десетина години во РМ се актуелизира едно писмо на Тодор Александров, со дата од 6-ти јуни 1919 г., до Панајот Каранфилов во кое стои дека:

"Само тесниот - болшевик [Димо] Х.Димов, анархистот - мрзливец [Михаил] Герџиков, шмекерот - велзевул Ѓорче [Петров] и сандинистите предавници во минатото и сега на бугарскиот народ, говорат и агитираат дека треба да се бара автономија на Македонија, зато што таа е одделна економска и географска единица, со оддделен "македонски народ", со своја вековна историја и за да не ги плаќале долговите на Бугарија, а некои од нив се закануваат така: "ако по чудо биде дадена цела Македонија на Бугарија ние ќе се бориме со оружје во рака, за да не го дозволиме тоа обединение".” (Димитар Галев, Тодор Александров Од автономија до самостојна држава, Скопје 1995. 199)

Димо Хаџи Димов (1875-1924) Димо Хаџи Димов [31]

Во првиот број на Билтенот на Привременото претставништво на бившата ВМРО, чиј главен уредник бил Димо Хаџи Димов, во статијата „Да сме на чисто“ се кажува:

„...Нè обвинуваат дека не се чувствуваме достаточно како Бугари, злословат дека го прикриваме своето национално качество и дури дека ни недостасува секакво бугарско сознание. Обвинуваат, интригуваат, кљукарствуваат, клеветаат, но не откриено и со докази, а по недостојни патишта и со најдолни средства...

...И така, што сме ние? Бугари ли сме, или не сме Бугари? На тоа прашање ќе одговориме засега со неколку извадки од публикации и документи, издадени од средината на дејците од бившата Внатрешна револуционерна организација, која по право и долг се издига и се признава како единствена изразителка на погледите на Македонија и на македонското население.

Георги Скрижовски (1882 с. Скрижово - 1925 убиен од егзекутор на ВМРО) Георги Скрижовски [32]

Во полномоштвото дадено на нашиот претставник во Париз, првата точка на нашите барања е редактиктирана така: „Бугарското население во Македонија заедно и сложно со нас има најцврста желба, длабоко верувајки дека таква е желбата и на сите останати националности таму, така што таа земја да се запази цела и неделива како автономна и самостојна единица на Балканот“ и т. н.

Бугари ли говорат тука или не? 

...Истакнувајки ги тие барања, ние заедно со целото македонско население чувствуваме и изјавуваме, дека балканскиот проблем нема друго решение, ако се сака искрено полното смирување на Балканот и блиското и сигурно побратимување на непријателски поставените членови на балканското семејство. Тоа го кажуваме како Бугари со високо бугарско чувство и не криеме, како што не сме го криеле тоа пред војните и во времето на револуционерните борби, дека македонското прашање во неговата целина не е бугарско прашање, како што не е грчко и српско, и поради тоа наоѓаме дека дека ниту една од балканските влади не може и нема право да ги изразува интересите и погледите на македонското население во неговата целост.

Скривме ли од надворешниот свет, дека сме Бугари? И дека говориме и си ја изјавуваме желабата како Бугари? ...Не ли е тоа јазик бугарски, говореме од Бугари и за Бугари?“ (БАН, Македония Сборник от документи и материали, София 1978. 611-612)

Брошурката: Назадъ къмъ автономията Декларация по разрeшението на македонския въпросъ, София 1919 г.

Димо Хаџи Димов, Александар Бујнов, Георги Скрижовски и Чудомир Катарџиев се коавторите на брошурката: Назад кoн автономијата Декларација за решението на македонското прашање, Софија 1919 г.

Чудомир Кантарџиев (1883-1924) родум од Сливен. Чудомир Кантарџиев [33]
Александар Бујнов (1879-1924) родум од Шумен. Александар Бујнов [34]

Димо Хаџи Димов во брошурката Назад кoн автономијата Декларација за решението на македонското прашање, застапувајки се за уредување на Македонија по образец на Швајцарија, на стр. 21-26 пишува:

"Вистина е, дека меѓу подјармените националности во Македонија најголема ролја и најрешавачко влијание извршуваа, секоја во својата сфера и со својот метод, бугарската и грчката... специјално за борбата против турскиот режим и неговото господарство воопшто треба да се каже дека бугарскиот елемент се покажа многу пореволуционерен... И ние гледаме дека, меѓу бугарското население во Македонија, исто и меѓу неговата интелегенција се зароди една нова идеја, имено идејата да се запази Македонија во нејзините географски граници... Идејата за автономијата на Македонија... е идеја бугарска... Бугарите во Македонија, најобесправени и најугнетувани од сите националности во Македонија... македонското бугарско население имаше неодложна потреба да се ослободи од турската тиранија... Македонија ќе има значение само како цела и неделива... Таа идеја меѓутоа си остана само бугарска. Автономната идеја кај Бугарите доби широк полет заедно со создавањето на Внатрешената македонска револуционерна организација, која бугарска по состав, се појави како организација доволно решителна..."

Легендарните македонски револуционери - санданисти единстевно останати верни на заветите на Делчев.

Според Ангел Динев: „Легендарните македонски револуционери - санданисти единстевно останати верни на заветите на Делчев, коишто достојно изумреа во борбата против бугарскиот врховизам.“ Од лево на десно, седанати се: Таската Серски,[35], Чудомир Кантарџиев и Димо Хаџи Димов. Стојат од лево на десно: Тодор Паница,[36] Горги Скрижовски, Ѓорги Казепов[37] и Стојо Хаџиев.[38] Според Ангел Динев: „Снимката за серските револуционери би била полна кога би придодавале Јане Сандански[39] и Александар Бујнов. Разбира се тоа се само интелектуалци - револуционери на Серскиот револуционерен округ, т.н. „Санданисти“ раководители на ВМРО после смртта на Гоце Делчев.“ (А.Динев, Илинденска епопеја. Скопје 1949. 2. 461)

Сава Михајлов, Јане Сандански, Крсто Асенов и Христо Чернопеев.
Учесници во грабнувањето на мис Стон:

Сава Михајлов,[40] Јане Сандански, Крсто Асенов - Мечката[41] и Христо Чернопеев[42]

Елена мис Стон Елена мис Стон

Сава Михајлов Сава Михајлов

Елена мис Стон за нејзиното грабнување напишала и објавила спомени, во кои за народноста на нејзините киднапери пишува дека се Бугари.

Американската мисионерка секако не е „платеник на бугарската буржоазија“. Во нејзиниот речиси шест месечно престој среде македонските револуционерни не стекнала впечаток дека нејзините грабнувачи манифестериле „македонска национална свест“.

Крсто Асенов Крсто Асенов
Христо Чернопеев Христо Чернопеев

Петко Пенчев[43], кој во 1904 и 1905 г. четникувал во четата на Јане Сандански, во своите сеќавања за војводата кажува:

„Сандански беше опкружен со ореолот на краен левичар. И јас требаше да го платам данокот на малдешкиот занес, кој беше ги заразил повеќето мои другари студенти. ...речиси без никакво познавање за македонските борби, јас требаше да ги слушам неприкинатите громки говори на Сандански против бугарскиот империјализам. Серско беше поштедено, според самата географија, од вооружените непријателства на српската и грчката пропаганда и не познавме друг непријател на македонската слобода, освен Бугарија.

Јане Сандански Јане Сандански

Тогаш Сандански беше под силно влијание на Хаџи Димов, Харлаков [Никола Харлаков (1874-1927) р. во гр. Габрово -Бугарија, член на ЦК на БРСДП(т.с.)] и други преставници на левиот социјализам. Ние ги третиравме, така да се каже, како орудија на официјална Бугарија, не само врховистите и сарафистите. Дури и Груев, Гарванов, Матов, воопшто битолските дејци не беа поштедени од нашиот непомирлив фанатизам.

Сандански, меѓутоа, се наметнуваше на сите со непомирлив фанатизам. Висок, едар, спретен... и очи, кои пронижуваат. Сандански беше вистинско горско божество. Неговата волја беше челична, а дарбата на организатор не му се одрекуваше и од неговите непријатели.“ (Христо Силянов, Освободителните борби на Македония След Илинденското възтание. Издание на Илинденската организация. София 1943. 2. 442)

Четата на Јане Санадански во 1903 г. Четата на Јане Сандански во 1903 г. Меѓу четниците е и бугарски поет Пеју Јаворов.

---

29.) Во март 1914 г. Кралството Србија собрало во Крагуевац околу 1000-1200 регрути од Македонија. Но, на 10.04.1914 г. побунетите регрути откажале да се заколнат на верност на српскиот крал Петар Караѓорѓевиќ. Од Штип во Крагуевац имало околу 70-80 регрути, од кои, над 60 одбиле да се заколнат. Константин Ангелов, учесник во бунтот сведочи:
„... За миг воздухот беше расцепен од громогласното „ура“! Не сакаме да се колнеме! Не сме Срби и сл. Војничкиот строј при командата „мирно“ се наруши, се растури, се разбрка. Настапи неописив хаос. Сите присутни беа стаписани и изненадени. Офицерите разлутени, со измакнати сабји мавтаа, тепаа, но без резултат - нередот стануваше уште поголем. Граѓаните, мажи, жена и деца ги зафати паника, бегаа... Картина на вистински бунт... на официјално место, пред официјални лица и странски претставители.“
Од кочанско имало регрутирано околу 250 души. Санто Витанов, родум од с. Горни Полог, Кочанско, учесник во бунтот, во свите сеќавања кажува:
„Ни ги променија и презимињата, а не советуваа и да си ги промениме и имињата, нашите биле бугарски. Првата закачка изби кога започна прозивката на „виќ“. Не се одзовуваме, а не викавме ни „ја“, туку „јас“ или „аз“, тие што веќе поминале низ бугарските училишта... Некаде околу 1 или 2 април 1914 г. ни датоа текст на заклетвата за српскиот крал. Тоа предизвика вознемирување прво кај писмените, а потоа и кај сите други. Штипјани радовишани кажале на нашите [кочанчани]: како нашите дедовци и татковци се колнеле на Фердинанд, а ние да се колнеме на верност на српскиот крал? Меѓу сите почна да се шепоти, што сме ние, народ или ништо? ... Дојде и тој час. Свештеникот почна збор по збор да ја чита заклетвата... Старешините почнаа да не подбуткуваат и да ни викаат. Ние молчевме. Одеднаш од средината се чу силен глас „Ура“, не сме Срби, се колнеме на Фердинад. Во нашиот круг стана голема бркотница. Нè опколија српски вооружени војници, а старешините почнаа да нè тепат. ...Потоа затворија 20 души, а на другите почнаа да ни зборуваат и да нè убедува попот, дека Бугарите се виновни, тие не лажеле, ние во старо време сме биле Срби.“
Во сведоштвото за еден од радовишките учесници во бунтот се кажува:
„...„Не се колнеме, не сме Срби“. Кога српските офицери слушнаа дека некои од војниците го фалеа бугарскиот цар Фердинанд, ги фати бес и почнаа да нè тепаат, во кругот, во собите, преку денот и ноќта. Миле Кошев го убија. Илија Габрешанецот го убија. ...Убија и зтворија и неколку млади и весели момчиња од селата.“ (Димитар Галев, Белиот терор во Југоисточна Македонија. Штип 1991. 1. 524-532)

30.) Тодор Александров Попорушев, р. 1881 г. во Штип. Завршил педагшоко училиште во Скопје. Учител во Кочани, Виница, Кратово и пак во Кочани. Застанува на чело на Кочанската револуционерна околија. Во март на 1903 г. осуден на 5 години затвор. Пресудата ја издржува во Куршумли-ан во Скопје до април 1904 г., кога е амнестиран. Потоа учител во Ново Село, Штипско. На 10.01.1905 г. станува илегален, дејствува во Скопско. Во 1907 г. заминува за Бургас, каде работи како учител. По убиството на Б.Сарафов и И.Гарванов, повикан е од Х.Матов во Софија да биде касиер на ВМОРО (дотогаш касиер бил И.Гарванов). Во 1910 г. работи на обновувањето на Организацијата. Во новиот ЦК влегуваат Х.Чернопеев, Т.Александров и П.Чаулев, резервен член на ЦК е А.Протогеров. Организацијата официјално е обновена во октомври 1911 г., а целта е истата: автономна Македонија. Се движи со четите во Солунко и Кукушко. За време на првата балканска војна со чета го завзема Кукуш неколку дена пред пристигнувањето на бугарската војска. Во почетокот на 1913 г. од штабот на Македонско-Одринското ополчение е назначен за началник на разузнавачкиот пунк во Штип. Во септември на 1913 г. ВМОРО дига востание во Битолско, Охридско и Дебарско во кое учествуваат Албанци и Турци (во преговорите со Албанците учествувале П.Чаулев и Ј.Сандански). Со Валандовска акција во 1915 г. Т.Александров одигрува клучна ролја Бугарија во Првата светска војна да застане на стараната на Централните сили. За време на војната како офицер за порачки служи во 11-та пешадиска македонска дивизија во состав на бугарската армија. Со кајзерот се сретнал двапати, во Ниш и Софија. Награден е од германскиот кајзер со железен крст и позлатена сабја. Во тоа време е постојан контакт со цар Фердинанд, со принц Борис, принц Кирил и министер претседателот В.Радославов. По војната учествува во работа на Исполнителниот комитет на македонските братства во Бугарија. Неговото повторно застанување на чело на ВМРО не е прифатено од редица дејци на ТМОРО. Во ноември 1919 г. обвинети за втурнување на Бугарија во војната, затворени се Т.Александров, А.Протогеров и над 100 дејци на ВМРО, но бегаат од софискиот затвор. Користејки ги врските со бугарските офицери обновува и создава организациски пунктови во Ќустендил, Неврокоп и Петрич, од каде со чети навлегува во Македонија. Во 1921 г. ВМРО учествува во убиството на бугарскиот премиер А.Стамболијски, кој се обидел да ја забрани вооружената дејноста на ВМРО. Во 1923 г. ВМРО учествува во задушувањето на т.н. септемвриско востание во Бугарија. Еден од иницијаторите е за создавање на Македонскиот научен институт во Софија и на Македонските политички организаци (МПО) во САД и Канада. Во негово време ВМРО го завзема раководството во Великата масонска ложа на Бугарија, создава Македонска парламентарна група во Народното собрание на Бугарија. Стапува во конакт со дејци на Коминтерната (помошен орган на советската надворешна политика). Во мај 1924 г. во Виена го потпишува Мајскиот манифест, но Д.Влахов, Н.Харлаков и П.Чауелев го публикувале манифестот во Виена во в-кот „Балканска федерација“ (бр.1, 15.07.1924), па Т.Алескандров и А.Протогеров на 01.08.1924 г., под притискок на бугарскиот премиер А.Цанков, со декалрација се откажуваат од Мајскиот манифест прогласувајки го за „мистификација“. На 31.08.1924 г., кај с. Сугарево - Балгоевградско, убиен е од членови на ВМРО (Ш.Валхов и Д.Вретенаров) при патување за конгресот во Пирин Планина. Според т.н. михајловсти убиството е организирано од А.Протогеров, според т.н. протогеровисти организаторот на убиството е В.Михајлов.

31.) Димо Хаџи Димов, р. 1875 г. во с. Горно Броди, Серско. Син на Хаџи Димко Хаџи-Иванов, борец против панелинизмот и соработник на Стефан Верковиќ. Татко му на Димо Хаџи Димов, хаџи Димко Иванов со зет му Георги Иванов Зимбилиев подготвиле 140 села во Серската епархија во фебруари на 1869 г. да потпишат махзари (молби) за нивно присоединување кон Егзархијата. Хаџи Димко околу 1880/1 г. се преселува во Дупница. Д.Х.Димов завршил педагошко училиште во Ќустендил. Една деценија работи како бугарски учител во Дупница. Во Организацијата стапува во 1896 г., а од есента 1899 г. воспоставува соработка со Г.Делчев. Од 1990 г. член на бугарската социјалдемократска партија, а по нејзиниот расцеп во 1903 г. член на БРСДП (т.с.) - Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалсисти), чиј долгогодишен претседател е Димитар Благоев родум с. Загоричени. Од 1900 г. до својата смрт постојно пишувал статии, реферати, брошурки по македонското прашање. Во 1908 г. доаѓа во Солун, заедно со Д.Мирасчиев го редактираат списнието „Конституционна заря“. Активсит на НФП. Во Балканските војни се бори во 7-мата рилска дивизиаја. Во 1920 г. по директива на БКП, формира незјина секција - Емигрански коминистички сојуз, кој никогаш не добива масовна поткрепа од македонските иселеници во Бугарија. Во 1923 г. пред кравањето на т.н. септемвриско востание („антифашистичко“), затворен е како пројавен активист на БКП (т.с.). Во 1924 г. избран е член на ЦК на БКП (т.с.)., потоа и за пратеник во Народното собрание на Бугарија. Убиен е на 13.09.1924 г. во Софија, од: „националсистичката ВМРО“, или од „полицаец“, односно од „платен агент на бугарскиот двор и фашистичката воена клика“.

32.) Георги Скрижовски, р. 1882 г. во с. Скрижово, Драмско. Завршил педагошко училиште во Серес, извесно време учител во Демирхисарско. Поттикнат од Г.Делчев влегува во четата на Димитар Гоштанов, а потоа во четата на Ј.Сандански. Учесник во Илинденското востание, член на Серскиот револуционерен комитет. После Илинденското востание формира своја чета, дејствува во Разлошко. По Првата светска војна живее во Свиленград. Убиен 1925 од екзекутор на ВМРО.

33.) Чудомир Кантарџиев, р. 1883 г. во гр. Сливен - Бугарија. По завршувањето на средното образование кратко време работи како учител во Бургаско. Како близок соработник на Ј. Сандански дејствува во Серскиот револуционерен округ. Во 1906 г. е избран за ревизор на четите. Учествувал во соборувањето на режимот султанот на Абдул Хамид во Цариград. Активист на НФП. Во балканските војни (1912-1913) учествивал со доброволечка чета во бугарската армија. 1924 г. убиен во меѓусебните пресметки во ВМРО.

34.) Александар Бујнов, р. 1879 г. во Шумен - Бугарија. Во редовите на ТМОРО влегува 1903 г., прво учествува во борбите во Скопско, а откако се поврзал со Ј.Сандански во борбите во Серско. По Младотурската револуција е еден од создавачите и раководителите на НФП. Избран за пратеник во Отоманскио парламент, по Првата светска војна избран за пратеник и во Народното собрание на Бугарија. Септемри 1924 г. убиен од екзекутор на ВМРО.

35.) Таската Серски, крстеното име му е Атанас Спасов, р. 1880 г. во с. Врања, Горноџумајско (денес Благоевградско). Завршил педагошко училиште во Сер. Учесник во битката против аскерот во в. Баница кога загинува Г.Делчев. По востанието член на Серскиот револуционерен округ, војвода на чета. Активист на Народната федеративна партија, во 1910 г. избран за член на Централното раководство на НФП (заедно со д-р Х.Тенчев, Д.Мирасчиев, Ч.Кантарџиев и А.Бујанов). Во првата балканска војна се бори во четата на Ј.Сандански. Умира 1925 г. на операционата маса - „од ножот на проф. Александар Станишев“.

36.) Тодор Паницата, р. 1879 г. во гр. Орехово - Бугарија. Во Варна завршува гимназија. Учествува во Илинденското востание, со четата на Н.Пушкаров ги обиколува Скопско, Кумановско и Кратовско. По востанието формира чета во Серскиот револуционерен окргуг и тесно соработува со Ј.Сандански. Егзекутор на смртна пресуда над Б.Сарафов и И.Гарванов (ноември 1907) изречена од Ј.Сандански во името на Серскиот револуционерен округ. По Младотурската револуција, застанува на страната на младотурската власт. По Првата светска војна станува еден од членовите на Македонската федеративна организација. Соработува со грчкото и српското разузнавање, потоа и со советското. Во 1922 г. емигрира во Виена. Учествува во создавањето на ВМРО (Об). Егзекутиран е 1925 г. од Менча Крничева, идната сопруга на В.Михајлов.

37.) Георги Казепов, р. 1880 г. во с. Калиманци, Горноџумајско (Благоевградско). Завршил педагошко училиште во Сер, учителстува во неколку села и во Мелник. За време на Илинденското востание се бори во четата на Ј.Сандански. Во Мелник избран за секретар на околиското раководство на ТМОРО. Во 1905 г. формира своја чета, а на конгресот на Серскиот револуционерен округ (1907) вклучен е во Окружниот револуцонерен комитет. Во 1908 г. станува легален и учествува во создавањето на НФП. 1923 Г. „убиен е во масовната ликвидација на македонските револуционерни дејци од страна на неоврховистите“.

38.) Стојо Хаџиев, р. 1879 г. во с. Голешево, Мелничко. До 1900 г. учител, а потоа се одава на револуционерна дејност. После востанието е постојан член на Серскиот револуционерен комитет. Еден од основателите на НФП. Во март 1912 г. заедно со А.Бујанов е избран за пратеник во Отоманскиот парламент. Учествува во Првата светска војна. Убиен 1924 г. од екзекутор на ВМРО.

39.) Јане Сандански, р. 1872 г. во с. Влахи. Завршил осоновно образование и два класа гимназија во Дупница, околу двеипол години работи како чевларски чирак. Во 1892/4 г. ја отслуслужува воената обврска во бугарската армија, добива подофицерски чин. Од 1894 г. во следните двеипол години работи како помошник молбопишувач во адвокатската канцеларија на вујко му, а до 1899 г. како самостоен молбопишувач. Во 1895 г. во една чета на Врховниот комитет учествува во т.н. мелничка атака. Во 1897 г. пак влегува во Македонија со чета на Врховниот комитет. Во фебруари 1899 г. станува директор на бугарскиот државен затвор во Дупница, истата година со Д.Д.Хаџидимов во Дупница го реоганизираат македонскот друштво „Младост“, во кое членувале повеќе Бугари родум од Бугарија, отколку македонски емигранти. Во 1899 г. се запознал со Г.Делчев и Ѓ.Петров. Во април 1901 г. со чета на Организацијата, составена од 8 души, влегува во Македонија како војвода на централистите. На 21.08.1901 г. учествува во грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елена мис Стоун и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка (родум од Банско), за чие ослободување Организацијата добива 14.000 турски златни лири. Кон крајот на јуни 1902 г. четата на Ј.Сандански напаѓа врховистичка чета од 18 души, при што убиваат 5-мина. Во август 1902 г. напаѓа уште една врховистичка чета, мислејки си дека напаѓаат турски аскер. За време на Горноџумајското востание (септември 1902) се повлекува од борбата против врховистите. Лично се објавува против кревањето на Илинденското востание. На 17.09.1903 г. (Крстовден), Серскиот округ решава да учествува во востанието. Тогаш Ј.Сандански се побратимува со поранешни врховисти од групата на ген. Цончев и заедно водат битки против турскиот аскер. Во 1905 г. безмилосно казнува една четата предводена од поранешни врховисти. Во 1908 г. војува на страната на младотурците. Еден од создавачите на НФП. Во првата балканска војна неговата чета заедно со Мајор Цонев влегуваат во Солун ден пред 7-мата Рилска дивизија. Противник на застануњето на Бугарија на страната на Централните сили во Првата светска војна. Во 1915 г. убиен од „врховистите“.

40.) Сава Михајлов, р. 1877 г. во село Мачуково. Се школувал во родното село, Солун и Цариград. Учителствува во разни места во Македонија. Во Организацијата се вклучува 1895 г. Во 1901 г. заедно со Ј.Сандански, Х.Чернопеев и К.Асеов учествува во грабнувањето на мис Стон. Учесник во востанието, во Гегвгелскиот крај. Војвода. По востанието заминува за Бугарија. По враќањето во Македонија четникува во четата на А.Петков. Загинал 1905 г. кај с. Смоја, во борба со турскиот аскер, се самоубива жив да не падне во рацете на непријателот.

41.) Крсто Асенов - Мечаката, р. 1877 г. во Сливен - Бугарија. Завршил гимназија во Варна. Близок соработник на Г.Делчев и Ј.Сандански. Учествува во грабнувањето на мис Стон. Солунски војвода, активно учествува во подготовките на востанието. На Илинден 1903 г. четите на К.Асенов, А.П.Теризев - Ениџевардарското сонце и на И.Карасулијата, сите околку 250 души, се собрале во с. Корнишор да го осветат знамето. Потоа К.Асенов го поканува свештеникот да ги венча со познатата револуционерка и учителка во Кукуш Ана Малешвска, ќерката на Дедо Иљо Малешевски. Но, по венчавката некои негови четници, обвинувајки: „Ние ќе правиме востание, а тој се жени“, подло стрелаат во рицарот роден за необични подвизи.

42.) Чернjу Пеев, од македонските револуционери прекрстен на Христо Чернопеев, р. 1868 г. во с. Дерманци, Луковитско - Бугарија. Фелдфебел во буграската армија. Во 1899 г. во „делото“ е вклучен од Г.Делчев, учествува во грабнувањето на мис Стон. Војвода во Кукушко, Горноџумајско; Валандовско, Гевгелско, Тиквешијата и особено во Струмичко. Во 1901 г. неговата чета од силен турски аскер е опколена во с. Бајалци (Валандовски), но со неколкумина четници успеваат да се извлечат. Заминува за Бугарија, но пак се враќа во Македонија. Борец против врховистите. Учесник во Илинденското востание. После востането пак е со чета во Македонија, соработува со Ј.Сандански. Активно учествува во формирањето на НФП во Солун, член на централното раководство. Но, потоа ќе се дистанцира од Ј.Сандански. Станува член на ЦК на ВМРО. За време на Првата балканска војна е во редовите на Македоно-Одринското ополчение. Во 1914-1915 г. пратеник е во бугарското народно собрание. Како офицер на бугарската армија загинува во Првата светска војна на Криволак (1915), погребан е во црквата во Ново Село, Штипско.

43.) Петко Пенчев, р. 1880 г. во Варна - Бугарија, член на ТМОРО од 1903 г., учесник во Илинденското востание во четата на Х.Чернопеев, па заминал во Женава на студии, но пак ги напуштил студиите за да стене четник во четата на П.Кљшев. Брзајки да замине по втор пат во четите на ТМОРО, станал четник во четата на Ј.Сандански (1904-1905). Во 1904 г. е избран за член на Серскиот комитет. По 1905 г. поминува на страната на Х.Матов. Во 1906 г. го уредува весникот „Реформи“ на штипската организација на ВМОРО, тогаш раководена од М.Развигоров. Во 1907-1908 г. заедно со В.Пасков го редактира весникот „Илинден“. Во 1912 г. П.Пенчев како војвода на ВМРО дејствува во Гевгелиско. По балканските и Првата светска војна се вклучува во Демократската партија на Бугарија. Починал 1946 г.

0 коментара:

Post a Comment

 
Copyright 2009 Македонска историја (Вежбанка за критичко мислене). Blogger Templates create by Deluxe Templates | Blogger Styles | WP by Masterplan