2/18/2010

Стравот и желбите на македонизмот во карантин (5)

Во предговорот кон спомените на Јане Сандански (Скопје 1995) македонскиот историчар Иван Катарџиев, тврди дека Јане Сандански после Општиот рилски конгрес (октомври 1905 г.) застанал на македонистички позиции.

Јане Сандански (во средината) со свои соборци.

Спиро Певецот, Георги Казепов, Јане Сандански, Говедарчето и Петар Милев.
Според А.Динев: „Сите на снимката се убиени од великобугарите.“

Х.Силјанов во вториот том од неговата најзначајна книга го приложил сведочењето на Стефан Камилев кој раскажува за една дискусија на Јане Сандански којашто ја искажал на средба во Софија на 26.11.1907 г. на која се расправало по предлогот да се влезе во прговори и согласност со Б.Сарафов и И.Гарванов (членови на ЗП на ВМОРО).


 На ова средба според сведокот, присуствувале: Ѓорче Петров, Димитар Стефанов, Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Христо Чернопеев, Ѓорѓи Ѓерѓиковиќ (српски поручник, учесник во Илинденското востание, редактор на српскиот весник „Автономна Маћедонија“ во 1905г.), Антон Страшимиров (бугарски писател), Димо Хаџи Димов, Стојно Стојнев (соборец на Ј.Сандански), д-р К.Д. Списаревски (правен консултат и началник во министерството за земјоделие), Стефан Кемилев (помошник правен консултант во Земјоделската банка), Иван Харизанов (радикал, роднина на Ј. Сандански), д-р Стефан Сарафов (реномиран лекар), Александар Радославов (учител) „и други некои лица“.

Во врска со тоа што сега нè интересира С.Кемилев сведочи:

Јане Сандански (1872-1915) „великан од илинденската епоха“.

Јане Сандански

„Јане ја разви тезата, дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето на другото течение се предале на бугарската влада. Тој објаснуваше во општи линии, дека треба да се работи за будење на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, затоа што тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги заробат. На тие фрази присутните се спротиставија со многу разумно аргументирани размисли. Јане се раздразни и во една од своите реплики налутено изјави:

- „Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам, и ако тоа се случи тој ќе ја добие својата слобода."

Јасно беше - заклучува Кемилев,- дека Сандански по тоа прашање немаше конкретно нацртан план и јасна претстава за возможностите, но тој не отстапуваше, затоа што тоа беше логична последица на завземеното од него становиште, дека македонското прашање не може да се реши, штом се постави како бугарско прашање.

Се стаса до прашањето: што да се прави. Тука Јане веќе имаше план, и тоа наполно конкретен:
„Сатарот! Ќе си ги измериме силите и убеден сум дека ќе ги смачкаме затоа што сме прави“.
Сите присутни, освен членовите на Серскиот окружен комитет, едновремено и спонтано протестираа и се искажаа поединечно. Се изнесоа несоборливи аргументи против една борба на взаемно истребување, имено: 1) дека тоа ќе го компромитира делото во очите на туѓиот свет, 2) дека вербата ќе ја изгубат самите маси кои никогаш не ќе можат да ги разберат мотивите на такво истребување, 3) дека ќе се разочарат работниците во Организацијата, на кои им се туѓи тие борби во врвовите, 4) дека и најкомпромитираните дејци од спротивниот лагер, ако загинат во таа борба, ќе бидат oвенчани со ореолот на маченици, 5) дека бугарското општествено мнение [Тука поимот - бугарско, се однесува и на мнозинското население во Македонија.], кое треба да биде морална поткрепа на Организацијата, ќе премине сосема на страната на нападнатите, 6) дека бугарските власти ќе ги затворат границите за серчани и основано ќе го започнат нивното проследување и др. и др. Протестите и возвраќањата се истураа еден по друг, кој од кој по силни и аргументирани и тоа го стави Сандански во голема недоумица, затоа што никој не го поткрепуваше. Во таа бура членовите на Серскиот комитет молчеа, но јавно беше дека декларацијата на Сандански беше направена со нивна согласност.
Сандански го прекрати возбудувањето со зборовите:

- „Е добро, кажете вие нешто поумно и возможно, за да го прифатиме и ние.“

Чернопеев предложи серчани да се вратат на своите места и да заземат одбранбена положба. Понатаму дискусијата се разви околу идејата за издавање на списание „Револуционерен преглед“ и создавање во Софија задрганично претставништво на серчани... со задача да се спечали општественото мнение за автономна и самостојна Македонија.

Сандански и неговите луѓе, кои со егзекутирањето на Даев веќе го беа осветеле самоистребувањето, лицемерно изјавија, дека „наполно го восприемат тој начин на дејствие, затоа што тој е во согласност со нивните разбирања. Настапи олеснување, затоа што знаеа дека заканите на Сандански не се шега.“

Антон Страшимиров (1872-1937), бугарски писател и симпатизер на ТМОРО. Антон Страшимиров [44]

Изборот на редакциски персонал не стана, се појавија несогласувања, бидејки никој од предложените редактори и соработници не го сакаше А.Старшимиров, кого Сандански сакаше по секоја цена да се наложи. Без да се дочека решавањето на прашањето, Јане стави крај на разиграната комедија и замина за Дупница. Заедно со него од Софија изчезнаа и неговите другари. Два дена после нивното заминување Паница го изврши тоа за кое беше дојден." (Х.Силянов, Освободителните борби на Македония След Илинденското възтание, Издание на Илинденската организация, София 1943. 2. 497-499)

Ако е точно тврдењето на И.Катарџиев дека Јане Сандански после 1905 г. застанал на македонистички позиции, тогаш доказите за тоа би требало да ги најдеме во печатените органи на т.н. санданисти: „Конституционна заря“ и „Единство“ кои се здружуваат во еден весник „Народна воля“, како и во дејноста на Нарoдната федеративна партија, т.е. во дејствувањето на Јане за време на лажниот „хуриет“[45].

Пречек на дебарската чета во Дебар 1908 г.
Пречек на дебарската чета во Дебар 1908 г.

Христо Станишев (1869 Кукуш - 1952 Софија), неколкукратен претседател на ВМОК. Христо Станишев [46]

Во своите спомени деецот на ВМОК Христо Станишев кажува:

„Дојде Хуриетот 1908 г. јули. - Серчани веднаш се братимеа со младотурците. После доста колебање се направи фаталната постапка да се симнат четите во градовите и да се побратимат со младотурците. Најнеотстапчив беше неучениот војвода Апостол Ениџеварарското сонце. За да го наговорат, од Солун ги праќат аптекарот Иван Тенчев [раководител на Солунскиот рев. округ и брат на д-р Х.Тенчев - иден претседател на НФП] и офицерот Кемал (попосле Атататурк) да го барат по Енџевардарските мочуришта. После тридневни скитања, го нашле и успеале да го убедат.

Мустафа Кемал паша - Ататурк Кемал Ататурк

Апостол Петков Ениџевардарското сл’нце (1869 с. Бојмица -1911 во вој со аскерот) Апостол Петков [47]

...Веднаш после симнувањето на четите и признавањето на Отоманската уставна империја, претставниците на Великите сили во Македонија, кои ја спроведуваа реформската акција си заминаа. Италијанскиот претставник во Македонија на нашите учители им кажал дека симнувањето на четите во градовите и признавањето на создадената положба е најголемата грешка на Организацијата, затоа што, ако тие беа постојани во борбата тогаш претставниците на Великите сили немало да си заминат и ќе се спроведела и правосудната реформа, која во тоа време англискиот крал Едвард VII и Николај II ја утврдиле во Петерсбург. А со неа речиси се основаше Автономна Македонија.

Наскоро после пропаѓањето на конституционите клубови и разоружителната акција на младотурците, од која пропишта дете во мајчина утроба, Т.Александров ја обнови ВМРО и борбата продолжи до Балканската војна.“ (От София до Костур, Освободителните борби на българите от Македония в спомени на дейците на Върховния македоно-одрински комитет. София 2003. 76)

Куманово 28.07.1908 г.
Куманово 28.07.1908 г.

Крсто Лазаров (1881-1944) Крсто Лазаров [48]

Кумановскиот околиски војвода на ВМРО Крсто Лазаров во неговите спомени за „хуриетот“ кажува:

„Мојата чета уште не беше симната во градот, а кратовската и штипската беа симнати во градовите. ...Мојата чета тогаш броеше 6-7 души. Ги сретнав во с. Ораовец - Кумановско, откаде се упативме во градот, каде бевме срдечно пречекани. ...При нашиот пречек од името на граѓаните говореа архиерејскиот намесник Давид Нoков, Георги Малински и Монев. Два дена после моето пристигнување од Бугарија, во Куманово влегоа и српските чети. Последните беа пречекани од Монев, Думановски и свештеник Давид Ноков. Последниот владееше одлично турски јазик и тој беше на чело на групата скопјани и кумановци која замина за Солун [да слават за хуриетот] . Свештеник Ноков се разболе од радост. После една седмица од Србија дојдоа и српските чети. Тогаш дојде Коста Пеќанац, Ѓорги Скопјанчето, Јован Довазенски, и Мицко - стариот.

Цела седмица преку хуриетот пиевме и јадевме сè на турска сметка и после се легализиравме. Како легален поминав од 16 јули 1898 до Коледа 1909 г. На хуриетот се симнаа сите чети - Качаци, Турци, Арнаути. Така на пример, гр. Скопје беше исполнет со Качаци. Такви се беа симнале и во Куманово.

Турците наскоро издадоа закон за безделниците, кој се однесуваше на нас, затоа што не бевме се зафатиле уште на работа.

Милан Ѓурлуков р. 1884 г. во Кривогаштани - 1945 во Прилепско убиен од власта. Милан Ѓурлуков [49]

Турците му наместија на Милан Ѓурлуков ќулаф и го пикнаа во затворот. Во Скопје беше убиен Васил Аџаларски. Ситуацијата од ден на ден почна да се влошува. Наскоро во Куманово поради насилството на еден Турчин над Бугари, се одржа голем митинг ...на кој учествуваа и србоманите. Се држеа говори, митингот беше раководен од учителот Ангел Георгиев, кој најпосле требаше да избега. Некои од граѓаните власта ги обвини пред суд, мене уште не беа ме подгониле. Но, сомневајки се да не паднам во затвор, една ноќ го напуштив Куманово и заедно со Кралев избегавме во едно од кумановските села, од каде по канал заминавме за Бугарија.

Напролет се зафатив одново со четништво. Сега тоа стануваше во потешки услови: Турците превзедоа посериозни мерки. Настапи обезоружителната акција и низ селата пливна многу војска. Годините после хуриетот беа тешки за четничкото движење. ...Со Србите не се гоневме и односите со нив ни беа поомекнати. Веројатно, подготовката на Балканскиот сојуз си го направила своето влијание. Во градовите, што се однесува до протести пред турската власт, Бугари и Срби дејствуваа здружено.“ (Македония во пламъци, Освободителните борби на българите от Македония в спомени на дейци на Вътрешната македоно-одринска революционна организация, София 2003. 204-205)

Македония за македонците Свобода Братство Равенство

Илустрација од брошурката на Васил Главинов „Македонија и каде е надежта“ (Софија 1902). На илустрацијата, момата ја преставува Македонија. На знамето пишува: „МАКЕДОНИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ“ (В.Главинов со поимот Македонец го означува секој жител на Македонија без разлика на народност), а на малата лента на врвот на копјето е напишано: „Свобода Братсво Равенство“.

Егзархискиот учител Борис Јанашлиев родум од Дојран во својата книга за Дојран (Софија 1934 г.), пишува за животот во Дојран пред и за време на „хуриетот“:

Султан Абдул Хамид II Султан Абдул Хамид II

„Антагонизмот меѓу Бугарите и гркоманите заедно со србоманите се разгоруваше од агентите на грчката и српската пропаганди, кои дејствуваа сложно; простичките патријаршисти, и гркомани и србомани, не беа злобни. Кога се кареа, гркоманските, како и србоманските деца, им викаа на бугарските: „бугаре-магаре“, а бугарските во своја заштита им говореа: „Г’рци в’лци береме, на врата ги бесеме“, или „Ср’б чингене, дамга ѓотуне“ (турски, кое значи: српски цигани со белег на задникот). Турските деца пак од фанатизам на христијанските им викаа „ѓаур“, на еврејските „чифут“, на циганските „ќафир“, „фираон“, а фанатиците Турци, кога коњот, или магарето не им врвеше, му викаа: „ѓаур оглу, ѓаури“ (ѓаурски син, гаурин)...

Прилеп во „хуриетска“ атмосфера.
Прилеп во „хуриетска“ атмосфера.

Нијази-бег Нијази-бег
Енвер-бег Енвер-бег

После разни перипетии во животот на Македонија: ту мирно со веселби, ту со афери и во затвор, или судири на бугарски чети со аскерот, или со новоформираните грчки и српски чети, после 1903 г., од кои последиците беа лоши и за самите Турци кои имаа цел „раздели и владеј“, најпосле, во месец јули на 1908 г. младотурските офицери Енвер-бег и Нијази-бег преку револуција, го објавија „Хуриетот“ - Конституција [Устав] и Турската империја од апсолутна монархија се прогласи за уставна монархија. „Хуриет“ значеше слободен живот за сите националности. И почна да се пее „Хуриет марш“.“

Битола во „хуриетска“ атмосфера.

Битола во првите денови на „хуриетска“ атмосфера. Во 1909 г. во Битола (во кој живееле мал број Албанци) националните дејци на Албанците на еден свој конгрес ја примаат својата општо албанска латиница.

Радост, „љубов“, бакнежи, прегратки и веселби меѓу Бугари и Турци. И јас - пишува Борис Јанашлиев - не правев исклучок; како, може ли? - Хуриет! Ватан кардашлари (Татковински браќа)! Уште ги помнам преградките со Руфат-бег, а тој пијан - ќор ќутук! Говорите еден после друг се излеваа и секогаш со типична еднообразна содржина, кои почнува: - „Севгели ватандашлар! Огуз ики сенден ики... (Сакани сотаковници! Од пред 32 години наваму тие ќафири, тие х’нз’ри, тие муртати, како пијавици пиејки ни ја крвта, нè доведоа до таа очајна положба!“... - напади против лошите Хамидови управници до Хуриетот). Говорите завршуваа: - „Јашас’н Ватант! (Да живее татковината!); Јашас’н миллет! (Да живее народот!); Јашас’н ватан-кардашлари! (Да живеат татковинските браќа!); Јашас’н Енвер-бег! Јашас’н Ниази-бег!“... и после секое провикување - ракоплескање и... следуваа тапани, свирки, пак бакнежи, пак прегратки, пак веселие, пак пиење и пак народ и тоа деноноќно! Боже, блаженство!!! Ете ти рај, ете ти живот! Арт’к, може ли да не биде задоволен целиот народ?! И во говорите уште: - „Бундан јотее, севгели кардашлар, шекер фабрикаси... (Од сега натаму, сакани браќа ќе имаме фабрики за шеќер, фабрики за предиво и многу други нешта ќе бидат, ќе бидат и ќе бидат!)“

Битола 1908 г. - пречек на четите на ВМОРО на Широк сокак.
Битола 1908 г. - пречек на битолските комити на Широк сокак.

Ентузијазмот беше голем! - кажува Јанашлиев - И ако сето тоа беше искрено, тоа би било невидено чудо, откако со големи салтанати и свечености, бакнежи и прегратки, се пречекаа веќе вратените од планините бугарски чети и четници! Да, да така беше! И Бугарите, како што си се наивни, искрени и добродушни, си помислија дека веќе дошла слободата во Турција, почнаа да гуљаат [да се насладуваат на животот безгрижно, да уживаат] заедно со Турците, веќе како „кардаши“ (браќа) и почнаа да ги кажуваат сите тајни на Револуционерната оргнизација. Турците ни ги научија сите тајни. Еден пијан Турчин во Дојран го беше изрекол тоа кое го мислел и коешто всушност Турците воопшто го мислеа: „Тјуклер арабајле таушан авларлар (Турците со кола зајци ловат)“, а таа мисла во медениот месец турските водачи ја прикриваа, поради што беа го уапсиле тој Турчин. Веселбите продолжуваа. Весели возови се организираа. Со таков воз бевме за Солун. Таму чувме еден инспиративен говор на турски јазик од свештеникот Давид Нoков од Велес, на кој и Бугари, и Турци, и Евреи, и Грци му ракоплескаа и викаа: „Браво попе!“. Тапаните, свирките и др. станаа нешто вообичаено. Бајраци се редеа, клубови се уредуваа. Турците си уредија свој клуб „Иттихад ве тереки“ (Обединение и напредок). Ни дојдоа гости Поројлии [с. Порој, Солунско], на кои Турците им приредија банкет.

На Братската могила во с. Апоскеп, Костурско.

За време на „хуриетот“, оддавање почит на Братската могила во с. Апоскеп - Костурско. Во могилата се погребани комити кои загинале пред и после востанието.

Замолен од офицерите Алид-ефенди и Џуди-ефенди, јас им ги нацртав портретите (голем формат) на Мидхад-паша, бивш турски реформатор, на Енвер-бег и Ниајзи-бег, како и слика-фантазија - мома со отомански бајрак во рака, која го симболизира хуриетот, за турскиот клуб во Дојран, и добив еден одличен подарок. И ние Бугарите отворивме наш клуб во Дојран, како во другите градови. Си купивме сламени шапки - фесовите ги оставивме настрана - нели е Хуриет?

На Братската могила во с. Апоскеп за време на „хуриетот“.
За време на „хуриетот“ при оддавањете почит на Братската могила во с. Апоскеп.

Меѓутоа, на малдотурците почнавме да не им се допаѓаме со своите клубови и, со шапките. Поради тие и други причини многу основано нашите Бугари си подметнуваа иронично во разговор: „Шимден сонра ѓаура „ѓаур“ демејџекс’з’н“ („Од сега панатаму на ѓауринот „ѓаур“ нема да му кажувате“), а тоа го кажуваа и самите Турци. И тие нè разбираа, и ние ги разбиравме. И наместо да се рашируваат правата и да се дадат нови правдини, за да ја разбере народот фактички благопријатната промена и да има целосна доверба и верба, младотурците се зафатија да ни ги одземат нашите училишни правдини, добиени со толкава борба во минатото, во апсолутистичкиот монархистички режим. Со тоа ја изгубија нашата доверба: училиштата ни беа срцето, кое Бугарите не би си го дале, а младотурците го сакаа токму него, нашето најскапоцено, да ни го истргнат. И така Бугарите во Македонија, кои беа огромното мнозинство во целото население, кои се бореа толку многу и дадоа толку скапи жртви за слобода и правда, беа жестоко излажени: тие добија само 4 пратенички мандати во турскиот парламент, без ништо друго, а ги ризикуваа своите училишта. Младотурците посакаа да ни ги направат училиштата државни, да не зависат од Егзархијата, туку од „Маерифа“ (Министерството на просветата во Турција), поради што тргнаа да бараат следбеници на таа идеја. Бугарите се разделија на „клубисти“, кои ја отфрлуваа, и „федералисти“, кои ја примаа промената на училиштата. Дојран беше клубистички.

Дел од гр. Дојран во 1913 г.
Северниот дел од градот Дојран (денешен Стар Дојран) во 1913 г.

Наскоро се случи, Бугарија ја објави својата независност, Австрија ја анексира Босна и Херцеговина, Крит објави соединување со Грција и др. настани и Турците не знаеја со што понапред да се справат. На една маса, во разговор со нас, еден мајор Турчин-цариграѓанин (стамболија), тогаш најважен младотурски фактор во Дојран, ни кажа: „Анлаин, Македонија Сахара гиби јапмадан, вермејеџезеин“ („Разберете, нема да ја дадеме Македонија пред да ја преобразиме во Сахара“). И почнаа митинзите: против Бугарија (говореше директорот на грчкото училиште, на грчки... Кој го разбра?) - меѓутоа Бугарин не говореше; против Грција и Крит - ниту Грк, ниту Бугарин говореше; против Австрија, за Босна и Херцеговина, говореа Турци. Викаа: „Гирди вермеиз!“ (не го даваме Крит), „Босна-Херцеги вермеиз!“ (на ја даваме Босна-Херцеговина), но сето тоа си остана само шум. Турците од јад ги бојкотираа австриските фесови, поради анексијата на Босна и Херцеговина.

Христо Чернопеев Христо Чернопеев

Најдоа и во Дојран Бугари-агитатори федералисти со калапци на главите - и тие ги бојкотираа фесовите! - Отоманци! (Ама зашто не со шапки на главите? - Затоа што тогаш шапките го олицетворуваа „ѓаурлукот“). Меѓу тие агитатори беше со висок кал’плија калпак на главата и војводата Христо Чернопеев, којшто беше се објавил за „федералист“. Директорот на прогимназијата и на основните училишта Георги Митов (од Дојран), во еден возбуден говор ја исмеа неговата нова ролја, ролја на турско орудие. Чернопеев му одговори дека тој е орудие на егзархијата и орудие на Бугарија. На таков начин Бугарите против себе си имаа и Бугари. Турците си ги триеа рацете сакајки да создат од сите нас „Отоманци“, а не да ги рашират правдините до степен на федералистичко управување на Турција. И после детронирањето на Султан Абдул Хамид и неговото доведување во Солун во вила „Алатини“, дури и после смрта на Абдул Хамид, Турците, наречени веќе младотурци си останаа старотурци.

Четата на Х.Чернопеев во Младотурската револуција.
Четата на Х.Чернопеев во Младотурската револуција.

При пописот на народностите во Северозападна Македонија - Тетовски и Гостиварско - членот на комисијата, Турчин, го прашува повиканиот Бугарин, да ја каже својата народност: - Ти што сакаш, али Стара Патрикаана (кажано со почит), или Ексархија (кажано намршетено, натртено и со презир)? И ако прашаниот каже „Стара-Патрикаана“, Турчинот го потчука со „аферим оглум“, ако каже „Екзархија“, тој му вика налутено: „Ќафур оглу, ќафури“.

Втората тиквешка чета во Младотурската револуција.
Втората тиквешка чета во Младотурската револуција.

Во Дојран младотурците сакаа суште да се прикриваат. Имаше едни Турци кои ги симпатизираа Бугарите. Дури некои од нив се стремеа да го научат нашиот писмен јазик...

Првата тиквешка чета во Младотурската револуција.
Првата тиквешка чета во Младотурската револуција.

Грчката пропаганда започна да ја засилува својата дејност, за да може да си ги запази бугарогласните Елини и, ако можеше да позалаже и да привлече други. Гркоманскиот владика само тарашуваше, агитираше. Гркомените купија лимени [дувачки] инструменти и ангажираа Турчин музикант да им ја уреди музиката. И во Гевгелија гркоманите го направија истото. А и Бугарите тат не стоеле со скрстени раце - и тие нагласиле музика со дувачки инструменти со капел мајстор учителот Аргир Манасиев, војводата. И јас во Дојран собрав младинци, прибравме 30 турски лири, купивме виолини, контрабас и разни други музички инструнменти и направивме оркестар под мое раководство. ... За празникот „Св.Илија“ 1909 г. дојдoа од Гевгелија и грчка и бугарска музика. Музикантите гркомани од Гевгелија почнаа да инсинуираат. Двете гркомански музики - дојранската и гевгелијската - си беа направиле естрада врз 3-4 лотки, со пармакл’ци, а гевгелијските Бугари добро се беа наредиле врз естрадата на лотки. Гркоманите „ликуваа“ со две музики и обиколуваа околу терасите на кафаните покрај езерото, на кои тераси граѓани и гости се веселеа. Поради нивното предизвикување, нашите Бугари од терасата на Шоповата кафана со нервоза и сила нафрлија столови врз главите и врз инструментите на гевгелијските грчки музиканти. Резулатат на тоа, скапани глави и скршени инструменти. Некои стрелаа во воздух. ... Во месец фебруари 1911 г., Бугарите ја добија црквата „Св.Илија“ [во Дојран], која беше спорна и за нејзиното спечалување се бараше 2/3 мнозинство [добиено на референдум]. На 1910 г., после месец септември, почна акцијата за разоружување. Мнозина паднаа во затворите, а и мнозина излегоа илегални. Разоружувањето си следуваше и во 1911 г.“. (Борис Д. Янишлиев, Дойран. София 1934. 45; 60-65. Книгата која полува е без корица, без првите и последните неколку страници.)

---

44.) Антон Страшимиров, р. 1872 г. во Варна - Бугарија. Татко му е од с. Гулина Бања, Разлошко. Бугарски писател, белетрист, драматург. Симпатизер на ТМОРО, до 1898 г. социјалсит, меѓу најактивните соработници на тогашните бугарски социјалистички гласила. Потоа, како радикалдемократ е пратеник во Народното Собрание на Бугарија. Во 1900-1901 г. редактор на македоно-одринскиот весник „Реформи“. Воспоставува контакни со Г.Делчев, Д.Груев, Ѓ.Петров и П.Тошев, кои ги смета за четирите најзначајни столбови на ТМОРО. За време на Хуриетот во Солун заедно со Ѓ.Петров го уредува списанието „Културен живот“. Во Првата светска војна е воен кореспондент во Главниот шатаб на бугарската армија. Во 1923-1927 г. станува близок на комунистите. Починал 1937 г. во Виена каде заминал на операција на срцето. Романот „Роби“ го посветил на легендарниот војвода К.Асенов - Мечката (грабнувањето на мис Стон), Солунските атенти и П.Тошев.

45.) Мадотурската револуција е државен преврат во Труција извршен на 10.07.1908 г. под раководтсво на младотурската партија „Иттихад ве Тереки“ (“Обедининие и напредок“). Со овој преврат всушност е спречена примената на Равелската спогодба, склучена во јуни на 1908 г. меѓу рускиот император Николaј II и англискиот крал Едвард VII, кои изработуваат нов проект за реформи во Отоманската империја и за давање автономија на христијанските провинции во империјата.
„Хуриетот“ најпрво е обајвен на 6-ти и 7-ми јуни во помачкото село Тимјаник, а од таму во Неготино и Кавадарци, од Енвер бег и од Нијази бег во Кичевско, кој превратот (младотурската револуција) го започнува во турскиот гарнизон во Ресен. Нијази-беј ја развластува месната администрација и наскоро со востанички сили, составени од турски војници и Албанци, воспоставува контрола над Преспа, Охридско, Струшко, Дебарско и над некои албански градови. Од Солунскиот гарнизони се придружува и Еневер-бег. Испратените едници од султанот Абдул Хамид II му откажуваат послушност, нивниот командат Шемзи-паша е убиен во Битола, каде младотурските сили влегуваат на 22.07.1908 г., а потоа и во некои други македонски градови. Ј.Сандански дејствува со младотурците во Солун. На 23.07.1908 г. младотурците во Солун организираат големи демонстрации и ги ослободуваат политичките затвореници. По испратениот ултиматум на младотурците до султанот Абдул Хамид II, тој на 24.07.1908 г. го враќа на сила претходно суспендираниот устав од 1876 г., според кој султанот има поголема власт од парламентот и владата, но во истиот се наведени еднакви права за сите турски поданицици, без разлика на верска и национална припадност. Млатотурците пропагираат збратимување меѓу сите поданици на Турција под лозунгот „Јашасан хуриет, адалет, музавет“ („Да живее слободата, братството и единството!“), со што, всушност пропагандно се истакнуваат причините поради кои не треба да се наложи Равелската спогодба. На 13.04.1909 г. Абдул Хамид II организира контраудар против младотурците. Младтотурските сили од солунскиот гарнизон, жандармеријата, албански доброволци и над 1000 доброволци предводени од Јане Сандански и Христо Чернопеев, Тодор Паница и други, под команда на Мухамед Шефкет паша, по тридневни битки кај Чатлаџа, успеваат да ги поразат силите лојални на султанот. На 27.04.1909 г. турско народно собрание го детронира Султан Абдул Хамид II, а на негово место го поставува брат му Султан Мехмед V. Крајниот епилог за Македонија е, ниту примена на Равелската спогодба, ниту „хуриет, адалет, музавет“.

46.) Христо Станишев, р. 1863 г. во Кукуш. Учи во родниот град, во Солун, завршува градежно инжинерство во Белгија. Работи како стенограф во Народното собрание на Бугарија, проф. во Солунската бугарска гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Како инженер ги гради: зградата на Англиската легација во Софија, споменикот на „Цар Освободител“ во Софија, железничката линија Левски-Свиштов, учествува во изградбата на храмот „Св. Александар Невски“. Во Балканските војни доброволец. Неколкукратен претседател на ВМОК. По 1928 г. се определил на страната на В.Михајлов. Починал 1952 г. во Софија.

47.) Апостол Петков - Ениџеврадарското сонце, р. 1869 г. во с. Бојмица, Гевгелско. Во Организацијата е „покрстен“ 1897 г., војвода, учесник во Илинденското востание. По востанието војува против андарите (грчите четници). Во 1911 г. пак формира чета на ВМРО. Загинува во бој со аскерот истата година кај с. Крушари, Ениџевардарско.

48.) Крсто Лазаров, р. 1881 г. во с. Конјух, Кумановско. Својата четничка активност ја започнува во ВМОК, од 1901 до 1903 г. е четник во четата на капетан Ј.Стојанов. Учествува во Илинденското востание во четата на скопскиот војвода Никола Пушкаров. Во 1904 г. влегува во Македонија со четата на Тодор Паница, па заминува во четата на А.Бабата. Од 1905 до 1931 г. е кумановски околијски војвода. Водел борба против српската вооружена пропаганда во Македонија. Учесник во балканските и Првата свестка војна. Во Првата балканска војна неговата чета кај Куманово учествува во разбивањето на турската војска, со што Кумановчани и овозможуваат на српските сили да излезат како победници од битката и да го продолжат нивното навлегување во Македонија. Убиен 1944 г. како соработник на бугарскиот фашистички окупатор заедно со 48 Кумановчани.

49.) Милан Ѓурлуков, р. 1884 г. во с. Кривогаштани. Завршил гимназија во Прилеп. Четникувал во четата на Г.Наумов, а во Илинденското востание во одредот на Питу Гули. По востанието четникува во четата на П.Ацев. Војвода во Крушево (1904-1908). По „хуриетот“ од „санданистите“ посочен како организатор на убиството на членот на НФП Добри Даскалов од Кавадарци. Во Балканските и првата светска војна М.Ѓурлуков учествува во редовите на бугарската армија. После војните Светиниколски војвода. Убиен 1945 г. во Прилепско од страна на југословенската власт.

0 коментара:

Post a Comment

 
Copyright 2009 Македонска историја (Вежбанка за критичко мислене). Blogger Templates create by Deluxe Templates | Blogger Styles | WP by Masterplan