2/18/2010

Стравот и желбите на македонизмот во карантин (6)

Имаме интересни кажувања за односот на Јане Сандански кон Егзархијата.

Алексо Мартулков, р. 1878 г. во Велес, починал во Скопје. Алексо Мартулков [50]

Алексо Мартулков сведочи за настани кои се одиграле во почетокот на август 1908 г. и во првата седмица од август 1909 г.:

„Другарите од Солун, Струмичко и некои серчани беа отишле многу напред во своето отоманизирање и имаа јавни отомански централистистички настроенија, јавно повлијаени од итихатчиските кругови 



[Младотурската партија „Иттахад ве Терeки“ - „Обединение и напредок“]. Тие негираа секакви минати придобивки уште од епохата на преродбата, меѓу кои најглавно го негираа нашиот национал-политички институт - Егзархијата и подржуваа, нејзините атрибути да бидат примени од државата. [Турција] Нашето училишно дело да биде раководено од и контролирано од државата, а училиштата да бидат издржувани од неа [Турција], како и другите привилегии на општините, - со еден збор институтот - Егзархијата - да биде поништен. Но, јас не можев да се сложам со нив, зашто ние од социјалистичката група во Софија по ова прашање бевме на друга мисла.

Христо Чернопеев Христо Чернопеев

Не само јас, многу Македонци од левицита беа против становиштето на Чернопеева и неговите другари. Мненијата на противниците на тоа становиште се поклопуваа наполно со моето мнение. Него го споделуваа Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров, Пере Тошев и многу други. Уште во почетокот по превратот се создадоа две струи во македонската левица и тоа јавно се гледаше од нивниот печат. Меѓу двете струи разликите не беа само по прашање за егзархијта, но и по други политички прашања и тоа се гледаше јасно од пишувањето на нивните весници и нивната содржина, на пример од една страна на весникот „Народна волја“ и весникот „Единство“, а од друга - на весникот „Конституциона зора“. Овие разијдувања уште појасно се оцртаа на првиот конгрес на левицaта 1909 г., кога беа турени основите на Федеративната партија.

Јане Сандански Јане Сандански

На тој конгрес, кога беше поставено за разгледувањето прашањето за Егзархијата, а Чернопеев и другите негови сомисленици го подржуваа истото мнение во однос на неа, Јане Сандански реско изјави да не се посега на тој национален институт и, ако се посегнало еден ден на Егзархијата, тој бил готов одново да ја фати пушката и да отиде во Пирин да се бори за да ја заштити.

Војвода Јане Сандански. Јане Сандански

Јас во споров тогаш им реков дека ние не можеме уште од почетокот со една клоца да ги кошнеме сите наши национални иституции, ами напротив треба да ги земеме во наши раце и да ги направиме полезни за наше национално самоуправување. Објективните изгледи за ваквите возможности беа на лице и се сакаше само субјективниот фактор да си е на свое место. ...По подолга расправија јас бев принуден да се разделам од нив и си отидов во Велес. Тие останаа да свикаат јавно собрание во Скопје другиот ден [почетокот на август 1908 г.]. Таквото собрание станало, ама не си поминале арно на него Чернопеев и другите другари, зашто сретнале голема опозиција на неоврховистичките елементи, меѓу Македонците во Скопје имаа господствувачко влијание и овие речиси не можеле да се искажат на собранието.

По три дена дојдоа во Велес и ваму си поминаа поарно, зашто во градов наш левицата во национал-револуционерното движење беше јака и можеше да ги натера неоврховистите да мируваат и да слушат на собранието. ...За одбележување беше фактот дека тоа што беше во Велес возможно, не беше возможно во многу други градови на Вардарска Македонија, со исклучок на Струмица, Кавадарци и Пехчево. Во останатите градови неоврховистите имаа полна возможност да го осуетат секое јавно собирање на левицата. Во Велес Чернопеев и неговите другари најдоа во својот поголем дел левицата да го споделува мнението, искажано од мене при споровите во Скопје со нив по прашањето на Егзархијата“. (Алексо Мартулков, Моето учество во револуционерните борби на Македонија, Скопје 1954. 186-188)

Јане Сандански и младотурскиот деец Нуредин бег.
Јане Сандански и младотурскиот деец Нуредин-бег.

Солунскиот валија и пратеник во Отоманскиот парламент по времето на Хуриетот, Ќазим-бег Во неговата книга (1916 г.) кажува:

„Сандански... беше административен советник на Солунскиот вилает. Сите чиновници, од окружен и околијски управник до селски падар беа назначувани и отпуштани со негова препорака и одобрение. Пријателите на тој поткуплив ајдутин... беа назначени на највидни места. Дури и Чернопеев стана член на Струмичкиот суд и доби право да биде судија.

Тодор Паница Тодор Паница

Сандански за 15 години ги изнајми Маринкостенските минерални бајни и го спечали правото, заедно со капетан Паница, да сечат стотици илјади дрвја од разлошките шуми, додека селаните од разлошките села, чиј поминок беше дрварството, не смееја да откинат ниту еден лист од дрвјата.

Од министерството на просветата се одделуваа суми за да се помогнат училиштата и тој дар одеше во рацете на Сандански. Гордите и национално осознаени бугарски селани не добиваа од Сандански никаква материјална помош, а со собраните од нив пари од Бугарија доведуваа учители и учителки.“ (Иван Михайлов. Спомени IV. 778)

Противникот на младотурцитe Ахмед Хамди-бег во 1915 г. пишува дека младотурската власт на Јане Сандански и му давале 50 златни турски лири месечна плата. Друг турски автор тврди дека Јане од Султанот добил подарок арапска кобила. (Ibid. III. 597)

Јане Сандански, „серчани“ и младотурци.

Санданисти и младотурски офицери. Седнати, од лево на десно: Георги Скрижовски, млaдотурски офицер, Јане Сандански наречен „Сандан паша“, Тодор Паница и Георги Казепов. Стојат, од лево на десно: Мицко Врански, младотурчин, Таската Спасов Серски, младотурски офицер и Димо Хаџи Димов.

Димо Хаџи Димов Димо Хаџи Димов

Весникот на левицата- групата околу Јане Сандански „Конституционна заря“ (редактиран од Д.Х.Димов и Д.Мирасчиев, во еден период и од П.Тошев) во бр.26 (Солун, 26.11.1908) под насловот „Особените отношения на властта спрямо българската националност“ меѓу другото пишува:

„Ако не беа тие односи поособени и поразлични од оние кон другите подвластени националности во Импријата, ние несомнено, дури немаше ниту да го спомнуваме името на бугарската националност, кон која припаѓаме и кон која се вбројуваме. Нашиот основен принцип е да се бореме за правата и слободата на сите националности без исклучок; да се бориме за полна рамноправност на сите отомански националности кон било која нација или религија тие да припаѓат. ...Исповедувајки го тој политички принцип, нас никој не смее да не обвини за за шовинизам или за национален сепаритизам... Во однос на бугарската националност официјалната власт и сите нејзини агенти држат едно поведение, многу различно во споредба со тоа, кое таа го држи спрема другите националности особено во Македонија“. (БАН. Македония Сборник от документи и материали, София 1978. 519-520)

Георги Скрижовски со младотурски дејци.

Седат: Халил-бег, претседател на цариградскиот парламент и Енвер Паша, воен министер. Стојат: Талаат-бег (зад Халил-бег), министер за внатрешни работи и Георги Скрижовски, ополономоштен од Ј.Сандански за постигнување на договор со младотурската васт.

Весникот на левицата „Народна воля“, редактиран од А.Томов, во бр.1 (Солун, 19.01.1909) во увидната статија „Нашите позиции“ пишува:

„„Единство“ и „Конституционна заря“ има задачи на определено време, од кои главната беше да содејствуваат во ориентирањето на општествено-политичка мисла на Бугаринот во Империјата... Во средината на бугарскиот елемент во Империјата се извршува организирање на демократските сили. Од една страна, ние имаме брзо никнење на Бугарската народна федеративна партија [Оснивачкиот конгрес на НФП ќе се одржи во август 1909 г.], а од друга - почетоците на Работничката партија. ...Како орган на Б.Н.Ф. партија „Народна воля“ застанува врз почвата главно на оној дел од бугарското население кое го сочинува неговото преовладувачко мнозинство и најглавниот елемент во таа партија - лишените од државни грижи ситни сопственици, безимотни или малкуимотни чифлигари, ситни стопани, занаетчии и трговци. Тие се слоевите, чиишто интереси денес се интересите на бугарската националност во Империјата. ...Националното прашање за нас е прашање за демократија... Обединувањето на бугарската националност и нејзиниот културен развиток ние не го гледаме ниту во присоединувањето на делови од Империјата кон Бугарија, ниту во сосипувањето на било која од нејзините соседни држави и на било која од националностите во Империјата, напротив - само во заедничкото нивно благодејствие и во општото нивно побратимување, кое ќе се реализира во реализацијата на Источната федерација.“ (Ibid. 539-541)

Антон Димитров Антон Димитров
Христо Батанџиев Христо Батанџиев

Во истиот број на „Народна воля“ активистите и водачите на Сојузот на бугарските конституциони клубови се наречени: „во голем дел туѓи агенти“, „бугарски лажни патриоти“ и др.[51]

Но, во однос на националната припадност на мнозинското македонско население, меѓу весниците на „прогресивната левица“ (санданистите) и клубистите („неоврховистите“ - „бугарските лажни патриоти“) нема никаква разлика. На пример, во весникот на „Съюза на българските конституционни клубове“ (Сојузот на бугарските конституциони клубови) „Отечество“ во бр.43 (Солун, 18.07.1909) во статијата посветена на годишнината од Илинденското востание, се кажува:

„Десети јули [„хуриет“], тоа е епилог на Илинден; Илинден, тоа е најторжествениот акт на величествената македонска револуционерна драма. Без Илинден не би имало 10 јули. Последната дата е општоотоманска. Илинден е наш, на Бугарите.“(Ibid. 559)

Во органот на „прогресивната левица“ (санданистите - ценралисти) „Народна воля“ бр.19 (Солун, 25.04.1909) во статијата за Гоце Делчев стои: „Бугарското население во Македонија и Одринско... Во таа мачна и неравноправна борба на бугарскиот народ во Македонија пројави ретка издржливост“. (Ibid. 558)

Основачкиот конгрес на НФП во Солун 1908 г.
Делегати на основачкиот конгрес на Народната федеративна партија.[52]

Бугарскиот дневен весник „Дневник“ бр. 2522 од 11.08.1909 г. известува за распрвата во врска со Егзархијата на основачкото собрание на НФП:

„Сношти [08.08.1909 г.], касно навечер, кога конгресот на федералистите го разледуваше чл. 32 од пратискта програма, во кој се третира материјата за учебното дело, еден од делагатите проговори против Егзархијата, дека таа не си го исполнувала добро долгот и пречи на учебното дело во Македонија. Возбудата беше општа.
Во тој момент Сандански, кој претседателствуваше со конгресот, стана и со растреперен и енергичен тон изјави: „Не ја засегајте Егзархијата! Положбата во Турција уште не е зацврстена“. Се создаде врева. Се даде оддишка. За време на паузата Сандански појде кај делегатот кој го покрена прашањето за Егзархијата и му изјави: „Ти не знаеш ништо. Ако се јави потреба да не се задоволуваат потребите на Бугарите во Македонија, јас ќе ја заштитувам Егзархијата со оружје во рака...“

Тоа создаде длабок впечаток на присутните. Понатаму во дискусиите не се говори ништо за Егзархијата.“ (Ibid. 560)

Правилник на НФП (буг. секција)

Политичката партија на Јане Сандански е формирана во август 1909 г. Во член 1. од Правилникот на Народната Федерaтивна Партија (Бугарска секција), стои: „Член на бугарска секција на Народната Федеративна Партија може да биде секој Бугарин, отомански граѓанин, навршил 20 год., кој ја прифаќа партиската програма и се вбројува во една од месните организации.

Забелешка: Се прима за член и граѓанин од друга нација, до образувањето на партиска секција од таа нација.“

Васил Главинов (1869 Велес - 1929 Софија) Васил Главинов [53]

Весникот „Работническа искра“, чиј уредник е Васил Главинов во бр.4 (Битола, 5.11.1909), во уводната статија „Партиите и работниците“ дава своја карактеристика на Народната федеративна партија и Сојузот на бугарските конституционии клубови:

„...сакаме да кажеме неколку думи за бугарските партии кои имаат извесно значение во иднина.

Засега во Македоно-Одринско се одделуваат главно две партии: едната е партија на македоно-одринските конституциони клубови; другата - на Јане Сандански и Хр. Чернопеев, крстена неодамна на „Българска народна федеративна партия“. За работниците во Македонија и Одринско е извонредно важно да знаат што претставуваат тие партии и како треба да се држат кон нив... Според својата суштина тие две партии се јавуваат како изразители на две различни класи. Бугарската македоно-одринска конституциона партија ги претставува интересите на трговците и индустријалците, на фабрикантите и заможните еснафи, кои утре ќе се преобразат во индустријалци и едри трговци, на предприемачите, селските заможни стопани и лихвари - со еден збор, на класата која се нарекува граѓанска или буржоаска класа. Како партија на таа класа, која е националистичка, која сака да се соедини со своите „браќа“ во Бугарија, Бугарската македоно-одринска конституциона партија е исто така националистичка и со сите свои стремежи и идеали на бугарската буржоазија во Македонија и Одринско.

Напротив, Бугарската федеративна партија се јавува како представителка на дребните трговци, занаетчии и селани-сопстевници, на бакалите и крчмарите - со еден збор, на тое коешто се нарекува воопшто дребна буржоазија. Така што, ако првата од нив е една буржоазна парија, втората е дребнобуржоазна. ...Од друга страна, и Бугарската народна федеративна партија истотака е националистичка, како и првата. Разликата е само во тоа што, првата сака содинување на Бугарите кон Бугарија при сите услови, додека втората тоа го сака само под услов во Бугарија да нема монархизам и др. Барем тоа се разбира од нивните зборови. ...Во секој случај сèпомалобројната дребнобуржоазна класа исто наклонува кон соединувањето со своите „браќа“ затоа што во тоа го гледа спасот од нејзиното пропаѓање. И колку повеќе таа ќе пропаѓа со разитокот на капитализмот во Турција, толку повеќе бугарскиот национализам ќе закрепнува во неа, а затоа Бугарската федеративна партија ќе станува понационалистичка“.(Ibid. 550-551)

Чета на Јане Сандански, предходница на 7-мата Рилска дивизија.

1912 г. - Првата балканска војна: четите на Јане Сандански со над 500 четници дејствуват како претходница на 7-мата Рилска дивизија. Како помош на 7-та Рилска дивизија во воените дејствија учествуваат и четите на санданистите и други дејци од Серскиот округ: Стојо Хаџиев, Георги Казепов, Алекаснадар Бујнов, К.Чапришков, И.Чонтев и Д.Арнаудов. Во тоа време, во истата дивизија на бугарската армија се бори и Димо Хаџи Димов.

знаме

Како претходница на 7-та Рилска дивизија, околу 300 четници - кавалеристи на Јане Сандански заедно со кавалеријата на мајор Цонев влегле во Солун веднаш по предавањето на градот на Грците од страна на Таксим паша на 8-ми ноември 1912 г. Следниот ден во Солун влегуваат 7-мата Рилска дивизија и грчки трупи.

„Во Солун - пишува другарот на Јане Сандански Ј.Богатинов во бр.11 од в. „Доброволец“ од 1945 г., - на банкет даден од генерал Тодоров (после влегувањето на бугарските војски во Солун), на кој што присуствуавше и Јане Сандански со своите другари Стоју Хаџиев, А.Арнаудов, Георги Казенов, Димитар Икономов и др. Јане Сандански одржа здравица и рече, дека пие за здравјето на новата држава автономна Македонија. Тогаш сите офицери, кои присуствуваа на банкетот едновремено ги извадија своите сабји и започнаа да заплашуваат и велат дека за такви зборови глави ќе паѓат и јазици ќе сечат и дека не за тоа е пролиено толку бугарска крв.“

После тој банкет и така отсечно искажаните закани од страна на офицерите, - според Ангел Динев - другиот ден се превзеде гонење на автономистите кои што се наоѓаат во Солун...“ (Ангел Динев, Илинденска епопеа. Скопје 1949. 2. 548)

Ополченци од Штип. Ополченци од Штип.

Македоно-одрински ополченци (доброволци) во помош на бугарската армија во Балканските војни. Во Првата балканска војна војувале на фронтовите во Тракија. [54]

Димитaр Чупaров (1878 с.Папрадиште, Велешко - 1940 Ленинград) Димитрија Чуповски [55]
Алексо Мартулков во неговите спомени пишува и за доаѓањето во Велес на Димитар Чупаров:
„Во зимата на 1912 г. дојде од Русија во Велес Димитар Чупаров. Тој беше родум од Папрадиште, Велешко. Беше еден од старите сепаратисти. Заедно со својот брат [Афанасиј Чупаров, чие сценско име е Наце Димов] беше питомец на некој од фондовите на словенските добротворни друштва во Русија, каде што го заврши своето вишо образование. Тие во Петербург издаваа весник „Македонски голос“ [Тоа е во 1913-1914 г.], преку кој војуваа за националното обособување на Македонците - независно од Бугарите и беа борци за автономијата на Македонија.

Димитар Чупаров како учител во с. Папрадиште. Во Петербург: Д.Чупoвски, Г.Константинович и Н.Димов.

На првата снимка: Димитрија Чуповски (крстено име Димитар Чупаров) - учител во с. Папрадиште. На втората снимка: во Петерсбург, од лево седи Димитрија Чуповски, стои брат му Наце Димов (крстено име Афанасиј Чупаров) и Гаврил Константинович од Костурско.

Чупаров не беше туѓ на „Азијатскиот департмент“ и имаше возможност да ги знае тајните потези на руската дипломатија. Тој ни предлагаше: ние, велешаните, да преземеме иницијатива за испраќање една делегација на ВМРО во Лондон каде што во тоа време се одржуваше една конференција на великите европски сили.[55] Ова делегација требало да да пледира на споменатата конференција за автономијата на Македонија под протекторат на великите сили. Чупаров веруваше дека таа автономија ќе ни биде дадена, бидејќи Антантата имала голем интерес од запазување на Балканскиот сојуз, а тој можел да биде зачуван само ако биде отстранета јаболката на раздорот.

Ние од македонската левица и некои од попрогресивните неоврховисти ја сфативме сериозноста на положбата и наполно го споедлувавме менението на Чупаров. Ете зошто решивме да го испратиме Ризо Ризов во Солун за да се сретне со претставителите на ВМРО [Во ЦК ВМРО се: Т.Александров, Х.Чернопеев и П.Чаулев] и да им го изложи нашето мнение за создадената ситуација меѓу „сојузниците“, која крие голема опасност од војна меѓу нив. Меѓутоа, таква војна би била најголема катастрофа во нашата историја, па затоа предлагаме да се прими предлогот на Чупаров за испраќање на една делегација во Лонодон, која ќе бара автномија на Македонија.

Цар Фердинанд I Сакс-Кобург Гота (1908-1918), кнез од 1887 г. Фердинанд I

Ризо Ризов отиде во Солун, но таму не нашол никој од водачите на ВМРО: скоро сите отишле на Булаир да се борат против Турците; се разбира, под знамето на Бугарија, во редовите на бугарската армија и под главана команда на царот на Бугарите Фердинанд Кобуршки.

Во Солун Ризов успеал да се сретне само со Јордан Иванов, професор по историја на Софискиот универзитет - родум од Куманово [роден е во Ќустендил], и со Павел Шатев. Кога им го изложил гореопишаното, професорското светило Јордан Иванов - до крајност револтиран - изјавил: „Како може во главите на велешани да се родат вакви престапни мисли за авономија сега кога се утврдуваат границите на бугарското племе со крвта на бугарскиот народ.“ Понатаму му советувал на Ризова велешани да престанат да се занимаваат со такви работи, зашто била издадена наредба до сите сојузни генералштабови да ги следат пројавите на сепаратистичките движења, па ако такви се појават - да бидат уништени со најжестоки средства.

По ова опомена од страна на професорот Иванов, Ризо Ризов го напуштил Солун, и си дојде во Велес. Така тогаш нашата иницијатива пропадна.“ (Алексо Мартулков, Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Скопје 1954. 255-256)

Јане Сандански Јане Сандански
Егзарх Јосиф I Егзарх Јосиф I

На 23.04.1946 г. во Софија деецот на ТМОРО Михаил Герџиков на јавноста и соопштил дека пред почетокот на Првата светска војна, со цел „да се избегнат нови катастрофи и разурнувања“, на предлог на Јане Сандански, Михаил Герџиков, Крсто Станчев (новинар), д-р Владов (деец на ВМОК) и други, решиле: „Фердинанд да биде ликвидиран и новиот режим во Бугарија да биде прокламиран во името на народовластието и против империјалистичката војна и реваншот.“ Заговорниците формирале делегација со цел да ги запознаат со решението Александар Стамболијски (лидер на Бугарскиот земјоделски национлен сојуз), Александар Малинов (демократската партија), Иван Гешов (народњаците), Андреј Љапчев, Никола Генадиев, Нечевич и други, освен социјалистите од двете партии. Но, од последните четворица намерата за убиството на фердинанд била оценета како безумие, анархизам. Посетата на Ј.Сандански, М.Геџиков и К.Станчев кај Егзархот Јосиф I завршила со вистинско изненадување. Кога му кажале не Егзархот дека имаат намера да го убијат Фердинад, „тој (Егзархот) станал загрижено сериозен и со една неочекувана отвореност ги зареди(л) лошотиите кои Фердинад и ги нанел на Бугарија“. На крајот Егзархот Јосиф I рекол: „Благословена да е раката која ќе го кутне Фердинанда. Кој ќе го стори тоа ќе биде најголем благодетел на Бугарија“. Заговорниците согледувајки дека немаат поширока подршка се откажале од намерата. Наскоро, пролетта на 1915 г., бил затворен А.Стамболијски, со кого Ј.Сандански најчесто контактирал поради реализацијата на намерата да го убијат Фердинад. (Петар Стојанов, Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна (1912-1918). Скопје 1969. 268-272)

Разрушениот мост на железничката линија Скопје-Солун, кај Удово. Четници на ВМРО кои учествувале во Валандовската атака на 20.03.1925 г.
Разрушениот мост и чети на ВМРО во близина на Валандово.

На 20.03.1915 г. неколку чети на ВМРО, во кои учествуваат и Турци, ја изведуваат Валандовската акција во која загинале 470 и се заробени 353 српски војници и офицери (загинале 40 четници на ВМРО). Четници на ВМРО го минирале мостот на железничката линија меѓу Удово и Демир Капија. На тој начин Србија е отсечена од Солунското пристаниште, а јавноста дознава дека Бугарија ќе војува на страната на Централните сили. Еден месец покасно, на 22.04.1915 г. убиен е Јане Сандански.

После Првата светска војна, во 1918 г. Фердинад е протеран од Бугарија, се утврдило дека Германиците му дале „еден куфер пари“ со цел „да ги придобие македонските револуционери“ кои требало да го придобијат јавното мнение во Бугарија со цел Бугарија во војната да биде на страната на Централните сили. До крајот на својот живот (1948 г.) Фердинад талка низ Европа и не стапнува повеќе во Бугарија.

Погребот на Јане Сандански.
Погребот на Јане Сандански, легендарниот „пирински цар“

Андон Ќосето (деец на „здравата организација) во своите спомени во врска со убиството на Јане Сандански кажува:

„Сандански не беше будала човек; тој беше силен човек и имаше добра свита околу него: Чудомир Кантарџиев, А.Бујнов, Таската Врански, Стојо Хаџијски, Скрижовски, Петар Говедарчето. Имаше добри советници. Му завидуваа и М’лчанков [Стојан] и Филипов [Стојан] и сакаа да станат окружни. Тие се гонеа, божем се дружеа, ама секогаш си завидуваа. Си тераа Хуриет. После Хуриетот пак се создаде Организацијата. Сандански спечали почит од Турците и започнаа да го нарекуваат „Сандан паша“ и што ќе кажеше Турците не смеја да му откажат. И што и да направи, тие му завидуваа. Му ги дадоа да ги користи Марикостинските бајни. Мислеа да му скројат план. Се зближија, за да му го исполнат планот, тој да покаже доверба. Сомнежот веќе беше исчезнал. И тие (М’лчанков и неговите другари) држеле тајна, план му кроеле. И му праќат телеграма веднаш да дојде во Неврокоп. А, истовремно му поставуват заседа и го убиваат. После некое време сфатија дека Сандански има свои луѓе. Неговите луѓе разбраа како стана неговото убиство. М’лчанков веќе се беше расположил. Тој беше народњак, гешевист и агитираше ваму-таму за народњачката партија ...Тој заминал за Неврокоп. ...но враќајки се од таму го убиваат.“ (Македония в пламъци Освободителните борби на българите от Македония в спомени на дейци на Вътрешната македно-одринска революционна организация. София 2003. 91)

На 02.08.2934 г. насловната страница од весникот на Илинденската организација.


50.) Алексо Мартулков - Бизмарк, р. 1878 г. во Велес, социјалист, четник на ТМОРО/ВМРО, член на НФП, член на БКП. Револуционер во Македонија и Бугарија. Делегат на првото заседание на АСНОМ. Член на Президиумот на првото заседание на АСНОМ. Илинденски пензионер. Починал во Скопје.

51.) Сојуозот на бугарските конституциони клубови е основан на 13.09.1908 г. во Солун. На основачкиот конгрес присуствуавле 81делегат. Меѓу основачите на Сојузот се Х.Матов, двајцата основачи на БМОРК, т.е. на ТМОРО/ВМОРО, А.Димитров и Х.Батанџиев. За претседател на Централното биро е избран Тома Карајовов (1868-1951), родум од Скопје, новинар, дипломат (во 1897-1900 г. секретар на трговските агентства во Битола и Одрин, од 1904 до 1909 амбасадор во Рим) и потпретседател на ВМОК (1902). По забраната на Сојузот, Т.Карајовов се враќа на дипломатската професија. Сојузот престанува со работа во ноември 1909 г. врз основа на Законот за политички здруженија донесен од страна на младотурскиот парламент.
Според македонската историја, Сојузот на бугарските конституциони клубови е: „политичка корпорација на бугарската пропаганда“, истиот е: „во служба на Егзархијата“ и „финансиран од бугарските државни фонодови“, т.е. „платеници на бугарската буржазија“, а целта нели му била од Македонците да прави Бугари.

52.) Народната федеративна партија (бугарска секција), во македонистичката историграфија се претставува како: „најзначајна организациона политичка сила во живот на македонскиот народ во периодот на младотурското владеење“.
Основачкиот конгрес на НФП се одржал од 03-ти до 10-ти август 1909 г. во кафаната „Спледит палас“ во Солун. Според една информација, на конгресот присуствувале 15 организации: Х.Јанков и Димитар Влахов (Солун), Х.Медникаров и Т.Клифов (Г.Порој), С.Хаџиев и И.Бижов (Д.Хисарско), Јане Сандански и Г.Казепов (Мелник), С.Пашкулов и А.Божиков (Неврокоп), Д.Коштанов и Г.Захариев (Г.Џумаја), Г.Огњанов (Малешевско), К.Самарџиев и Х.Чернопеев (Струмица), П.Манушев (Петрич), М.Ѓошев и Д.Мирасчиев (Велес), Д.Даскалов и Д.Лазаров (Тиквеш), И.Икиљулев и Н.Петров (Кукуш), И.Манолев (Битола), Ј.Шурков и Ф.Бајрактаров (Скопје), Г.Скрижовски и Елзов (Разлог), Спасов и Стамболиев (Сер), Т.Паница (Драма), А.Киров (Одринско), Б.Христов (Д.Порој) и Г.Митров (Охрид).
На заседанијата биле избрани 6 комисии. Комисијата за изработка на програмата ја сочинувале: Ј.Сандански, Д.Влахов (подоцна ќе биде и нејзин пратеник во турскиот парламент), Х.Чернопеев, Д.Коштанов и И.Манолев.
За членови на Централното биро на тајно гласање се избрани А.Матлиев, Д.Влахов и Х,Јанков. За советници се избрани: А.Бујнов, Д.Даскалов, Д.Коштанов, Ј.Сандански, Х.Чернопеев и Ј.Шурков.
Во понатамошното работење на партијата Д.Влахов го превзема и редактирањето на партискиот весник „Народна воля“. Во јануари 1910 г. партијата ја напушта Х.Чернопеев заедно со неколкумина свои сомисленици, поминува во илегалност во редовите на ВМРО. Централното биро на НФП во јануари 1910 г. го исклучува од членство на Ј.Сандански - нејзиниот општо познат лидер, во неговото исклучување удел има и Д.Влахов. На Ќустендилскиот конгрес на ВМРО одржан през март на 1910 г. Јане е исклучен од ВМРО. Вонредниот конгрес на НФП е одржан во Солун през април 1910 г., го отстранува ЦБ на чело со Д.Влахов, а новоизбраниот го сочинуваат: д-р Х.Тенчев (претседател), Д.Мирасчиев, Ч.Кантарџиев, А.Бујнов, Т.Спасов - Серски (членови). Една година по оснивањето НФП през август 1910 г. е забранета.

53.) Васил Главинов, р. 1869 г. во Велес, „прв пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија“. Во 1887 г. заминува во Софија каде отвара своја дрводелска работилница. Станува социјалист под влијание на делото на Димитар Благоев (1856-1924), родум од македонското село Загоричани, кој пак е: „прв пропагатор на социјалистичките идеи во Бугарија“.
В.Главинов ја подржува четничаката акција на ВК во 1895 г., но после се ориентира кон партиските работи. За да го придобие за Организацијата Г.Делчев му предава на чување украдени пари од бугарската пошта, но кога дошол Г.Делчев да ги распределата парите за социјалистите и комитите, В.Главинов му одговорил дека дождот ги однел од место каде што ги закопале. За таков престап Организацијата вообичаено казнувала со смрт, но Г.Делчев не дозволил да го егзектираат и повеќе не сакал да му излезе пред очи.
Поттикнат од Д.Благоев, В.Главинов во 1900 г. формира социјалситички кружоци во Велес, Скопје, Битола и Крушево, каде се одржува „првата социјалистичка конференција во Македонија“ на која присуствувале: Н.П.Русински, В.Марков, Н.Карев, П.Костов и брат му Лазар Главинов.
В.Главинов учествувал во издавањето на социјалистичките весници „Революция“ (1895), „Политическа свобода“ (1888), а во 1909 г. започнава да го издава в-кот „Работническа искра“. Од 1898 г. до 1902 г. издава неколку брошурки под заеднички наслов: „Македонска работническа библиотека“. Ја подржува идејата за создавање република Македонија, а поимот Македонец во неговите печатени пропагандни материјали има само политичко и географско значение. Станува член на БРСДП (т.с.), во 1910 г. учествува на Првата балканска социјалдемократска конференција во Белград, каде останува до почетокот на Првата балканската војна. Се враќа во Софија, а по Првата светска војна станува член на ЦК на БКП. После 1923 г. се повлекува од политичкиот живот. Починал во Софија 1929 г.

54.) Во Македоно-одринското ополчение, според Дрвингов имало 14.670 доброволци, од кои: 1.215 од Одринско, 13.455 од Македонија (од кои: 531 печалбари дојдени од странство и 2.512 граѓани на Бугарија родум од Македонија). Во партизанските одреди и чети заедно со бугарската армија учествувале и 2.174 доброволци од Македонија и Одринско. Во бугарската армија имало вкупно 16.844 доброволци од Македонија и Одринско. Во двете балкански војни, од составот на Македоно-одринското ополчение (14.670 души), 819 биле убиени, 177 умреле, 377 се прогласени за исчезнати, а 2.261 биле ранети, т.е. загубите изнесуваат 25% од составот. За време на двете балкански војни во Бугарската армија војувале доброволци и регрутирани вкупно околу 30.000 војници од Македонија. Во Првата балканска војна во српската војска, според проценката на македонскиот историчар П.Стојанов, може да имало околу 300 доборволци од Македонија и доброволци од македонските печалбари во Србија. Според податоци од командата на III-та српска армија стационирана во Велес на 05.06.1913 г. под нејзина команда имало 230 доброволци, од кои 65 муслимани и 165 христијани добоволци, претежно од Космет. Српката армија во Втората балканска војна од пропагано-политички причини со насилна регрутација формирала „Доброволечки полк“, кој формациски можел да има три баталјона по 800 војници. Но, српската власт немала доверба во месното македонско население, а ниту пак Македонците сакале доброволно да служи во српската армија. Дали овој полк бил пополнет не ми е познато.

55.) Димитар Чупаров - Димитрија Чуповски, р. 1878 г. во с. Папрадиште, Велешко. Се школувал во Крушево, потоа работи како молер во Софија, каде учи во вечерното училиште организирано од Д.Гурев и П.Попарсов. Во втората половина на 1892 г. учи во Белград - во Подготвителното светисавско училиште, кое имало за цел од неговите воспитаници да создаде работници за српската политика тие откако ќе се вратат во Македонија. Кога го завршил светосавското училиштето Д.Чупаров се враќа во родното село Папрадиште и работи како учител, но наскоро се враќа во Србија, а оттаму заминува за Русија. Две години учи во Новогородската семинарија, а во 1900 г. се запишува во Петерсбугшката семинарија. Во 1902 г. во Петерсбург со К.Мисирков, С.Дедов, А.Мишајков и др., вкупно 19 души, учествува во формирањето на „Македонското студенстко другарство“ кое во 1903 г., нараснато на 23 члена (меѓу кои е и брат му), друштвото се преименува во „Македонското научно-литературно здружение Св.Климент“. Во 1905 г. исклучен е од Петербургшкатиот универзитет поради учество во студенстски бунт. Пролетта на 1912 г., заедно со брат му Н.Димов (1876-1916) и Г.Константиновиќ го преименуваат студентското другарство во „Словено-македонско национално-просветно другарство Св. Крил и Методија“. Тој е првиот автор на македонистичка етнографска карта. Во 1913-1914 г. го издава списанието „Македонски глас“ (11 броја). Се тврди дека бил „учесник во Октомвриската револуција“(т.е. граѓанската војна предизвикана од болшевиците), но не е познато каде се борел. Со перо се залагал за создавање на Балканска федерација. Откако заминал за Русија никогаш повеќе не се вратил во Македонија. Последната статија ја напишал 1923 г. Умрел 1940 г. во Ленинград (Петерсбург). По создавањето на самостојна Република Македонија неговите коски во РМ се вратени од Б.Ристовски.

56.) Лондонската мировна конференција свикана е во средината на декември 1912 г. со цел: потпишување на договор меѓу победничките во Првата балканска војна (Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора) и поразената Турција, која со намера да задржи што поголема територија на Балканот, предложила на Македонија и Албанија да им се даде автономија под суверинет на Турција. Албанија на 27.12.1912 г. е призната за независна држава, а предлогот за Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договориле дека нема да дозволат создвање на самостојна Македонија, ниту постоење на бугарско-албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. И Бугарија го обила турскиот предлог за создавање на автономна Македонија. Лондонската конференција завршува на 30.05.1913 г.
Меморандумот потпишан од Д.Чуповски, Н.Димов, Г.Константинович и А.Везников, во името на македонската колонија во Петерсбург, до Лондонската мировна конференција е испратен на 01.03.1913 г. Во меморандумот Д.Чуповски пишува дека: „2/3 од населнието на Македонија претставуваат посебно словенско племе“ и со истиот приложил своја етнографска карта. Според македонската историографија, со овој меморандум: „Чуповски го пренесува гласот на целиот македонски народ“.

0 коментара:

Post a Comment

 
Copyright 2009 Македонска историја (Вежбанка за критичко мислене). Blogger Templates create by Deluxe Templates | Blogger Styles | WP by Masterplan